Американски инвеститори заинтересирани за Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и членовите на владината делегација, вчера (четврток, 06.11.2014 година) присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Лос Анџелес, САД каде ги претставија можностите и  поволностите кои ги овозможува нашата земја за реализација на странски инвестиции.

Лос Анџелес е втор најголем град во САД, и е седиште на технолошката индустрија, медицината, образованието, телевизиската и филмската индустрија, тој воедно е и втор по големина по растот на бруто регионалниот производ во САД.

Премиерот Груевски им порача на присутните дека Владата е пријателски насочена кон бизнисот и развој на можностите кои им стојат на располагање на приватните инвеститори.

„Ние веруваме дека колку повеќе го поддржуваме бизнисот ние ги поддржуваме сите граѓани, бидејќи бизнисот создава работни места и тој создава подобри услови за живот во нашата држава”, изјави Груевски.

Премиерот Груевски, покрај поволностите и олеснувањата кои се овозможени за инвеститорите кои ќе решат да го вложат својот капитал, додаде дека Владата направи напредок и во борбата против корупција и нејзиното намалување.

„Тоа допринесе да имаме напредок на листата на „Транспаренси Интернешнл“ за борба против корупцијата за 40 места за период од 6 до 7 места”, изјави премиерот Груевски.

 Тој изјави дека Владата е фокусирана кон вложувањата и развојот на образованието, на сите фази, почнувајќи од основното, средното и високото образование.

“Направивме многу работи и промени, во основните училишта воведовме изучување на англиски јазик уште од прво одделение, средното училиште направивме да е бесплатно и задолжително, отворивме нови универзитети и факултети, соработуваме со Кембриџ во однос на предметите кои се изучуваат во основното и средно образование. Вложуваме и во квалитетот на образованието, преведувајќи повеќе од 1000 книги на кои се изучува на топ 10 универзитети во светот, а се обезбедија и нови лаборaтории и опрема. Доброто образование е добар капитал кој треба да го искористат компаниите”, изјави премиерот Груевски.

На крај премиерот Груевски ги покани присутните инвеститори да дојдат во Македонија.

„Оние кои планираат да започнат бизнис, или сакаат да отворат нов капацитет или пак да префрлат дел од постоечкиот на нова локација, пред да ја донесат одлуката да дојдат во Македонија, нека зборуваат најпрво со инвеститорите кои веќе инвестирале во Македонија за да се уверете дека она што го зборуваме денес е вистина”, изјави премиерот Груевски.

 Министерот Бил Павлески ги акцентираше поволностите кои се нудат на инвеститорите, и истакна дека компаниите прават анализи за потенцијални инвестиции во нашата земја.

„Денес презентираме пред компании кои доаѓаат од различни сектори, од информатичката и технолошката индустрија, филмската индустрија. Овие компании беа заинтересирани за можностите за инвестирање во Република Македонија, за поволната даночна политика, добро образованиот кадар во државата што е доста важно за нив и секако тие ги разгледуваат сите останати можности кои се нудат за водење на бизнис”, изјави Павлески.

Извршниот директор на компанијата „Алорика“, г-дин Енди Ли, компанија која се занимава со аутсортинг и консалтинг услуги која воедно вработува над 16 000 луѓе во светот, активно ги разгледува можностите за инвестирање и е во процес на планирање на конкретна соработка. Тој по форумот изјави дека како компанија работат во многу држави во светот, и она што имале можност да го слушнат од бизнис форумот е дека човек може да биде задоволен од водењето бизнис во Македонија.

„Македонија има високо образована работна сила и е многу посветена на привлекување на инвеститори, и Влада која го поддржува бизнисот што од моја перспектива укажува на тоа дека има се што ни е потребно да бидеме успешни, при што со нетрпение очекуваме да дојдеме и да научиме повеќе. Ние ќе ја посетуваме Македонија во наредните три месеци за да направиме детални анализи за можноста да отпочнеме бизнис во државата”, изјави извршниот директор Енди Ли.

Сопственикот на компанијата „Иноваворкс“, која се занимава со развивање на софтверски решенија, Дејвид Хантер кој веќе пред неколку години има формирано претставништво во Република Македонија е задоволен од поддршката која ја добива.

„Моето искуство од соработката со Владата го направи секој аспект од нашата работа многу полесен. Мојот план во Македонија е да се прошириме, сакаме да работиме со поголеми компании, со користење на обучена работна сила од повеќе области”, изјави Хантер.