Јанакиески додели 60 решенија за легализација на дивоградби во Прилеп

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска во општина Прилеп додели 60  решенија за легализација на бесправно израдени објекти.

Тој нагласи дека ресорно Министерство секојдневно го мониторира процесот на легализација на бесправно изградените објекти и вложува  максимални напори  целосно да им помогне на сите граѓани кои се засегнати со овој проблем.

- Лично ме радува фактот што општина Прилеп е лидер во имплементација на Законот за постапување со бесправно изградните објекти. Во општината се легализирани вкупно 6.500 објекти од вкупно поднесени 15.367 барања, изјави министерот Јанакиески.

Тој уште еднаш потсети дека крајниот рок за поднесување на геодетските елаборати завршува на 31. 12. 2015 година и ги повика сите оние кои не поднеле елаборат тоа да го сторат најбрзо што можат за општините навреме да ги изготват. 

Досега се легализирани вкупно 105.706 објекти од вкупно поднесени околу 350 илјади барања.

- Морам да нагласам дека  Владата донесе законски измени со цел да им помогнеме на социјално ранливите семејства бесплатно да им изготвиме геодетски елаборати за и тие да можат да го почуствуваат бенефитите од овој процес, рече Јанакиески и додаде оти досега се поднесени околу 900 барања за изработка на геодетски елаборати од оваа категорија на граѓани, од кои околу 300 се веќе готови и веќе следната недела тие ќе им бидат доделени.