Груевски: Протестите не се во интерес ниту на Македонците, ниту на Албанците

Протести кои се мирни и во кои граѓаните сакаат да остварат свои права и да наметнат одредени идеи има во секоја демократска држава и тие се поддржани и имаат и свое влијание. Меѓутоа, протести во кои се употребува насилство, е нешто што не може никој да го поддржи, во ниту една држава, во ниту една средина, ниту пак во нашата држава.

Ова го изјави премиерот Никола Груевски денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со одржаните протести поради изречените обвиненија во случајот „Монструм“ по пуштањето во употреба на Скејт парк во Скопје, потенцирајќи дека државата и институциите имаат капацитет да се справат со вакви, но  и со многу понепријатни ситуации од овие. 

- Министерството за внатрешни работи во изминатите денови мошне професионално ја вршеше задачата и државата нема да дозволи овие протести да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите, изјави премиерот, додавајќи дека сериозно се следи состојбата.  

Потенцира и предупреди дека постојат одредени организации, поединци, различни видови групи кои се обидуваат во изминатите денови да долеат масло на огнот заради некоја своја лична агенда, која, како што рече, сигурно не е државна.

- Она што сакам да го потенцирам е дека таквите луѓе сигурно не работат ниту за интересите на Македонците, ниту за интересите на Албанците, ниту за интересите на Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Македонија, ниту за интересите на муслиманите или христијаните. Тие луѓе тераат или некоја своја лична агенда или нечија туѓа агенда, истакна премиерот Груевски.

Според него, уште позагрижувачка е поддршката што ја даваат поединци и одредени групи и индиректно или директно долеваат масло на огнот и со тоа не само што придонесуваат за влошување на општата клима во тој правец, туку, како што рече, јасно покажуваат дека спроведуваат некоја агенда која сигурно не е во интерес ниту на Македонците, ниту на Албанците.

Премиерот Груевски истакна дека со владиниот коалициски партнер се  во постојани и секојдневни контакти.