Изградена мини хидроцентрала во Маврово Ростуше

Заврши изградбата на мини хидроелектричната централа на Тресонечка река во Општина Маврово Ростуше, инвестиција на компанијата „Хидроенерџи груп“, во вредност од 2,1 милион евра.

За изградбата на хидроцентралата, со инсталиран капацитет од 1,8 MW, се испочитувани сите рокови предвидени со договорот и веќе се реализираат првите  вработувања, 25 за градежните работи и други вработени за одржување, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини при денешната посета на новиот објект, лоциран во близина на селото Тресонче,  кај областа Мака Река во општина Маврово Ростуше.

Од вкупниот број потпишани договори за концесија на ниво на држава, моментно се изградени 17 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 12 MW, за кои досега се инвестирани над 20 милиони евра, рече Сарачини. 

Според него,  во изградба се уште 15 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 16 MW и очекувана инвестиција од 27 милиони евра. Половината од нив се очекува да бидат завршени до крајот на годинава, а останатите на почетокот на следната година, што, посочи, ќе значи и поголема енергетска стабилност на земјата.

- Ова е добар пример за инвестиција во делот на искосристување на водните ресурси, со кои нашата општина изобилува. Би сакал да апелирам до Mинистерството за економија да се фокусира на искористувањето на водните ресури во нашата општина што  е придобивка за локалното население во однос на нивното вработување, рече градоначалникот на општина Маврово Ростуше Мехмеди.

Мала хидроелектрична централа, информира, се гради и на Галичка река.

Според Кирил Павлески, управител на  инвеститорот Хидроенерџи груп, централата на Тресонечка река  има инсталиран капацитет од  1.8 MWh и е планирано  годишно производство на електрична енергија од 11,7 GWh. Хидроенерџи груп, компанија со 100 проценти домашен капитал, има добиено концесија за изградба на уште две мали ХЕЦ на течението на Песочанска река, Општина Дебрца.