Груевски: Ветете го она што можете да го исполните

 Бидете внимателни и одговорни во вашите ветувања и ветете го она што сте сигурни дека ќе го исполните, им порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на Владата Никола Груевски на идните кандидати за градоначалници и млади кадри кои имаат намера да се занимаваат со политика.

- Не смее да се заборави дека кога сте во кампања и меѓу многу народ кој има очекувања од вас, да бидете внимателни. Масата знае да понесе и понекогаш да се дадат неодговорни ветувања. Внимавајте кога сте во еуфорична маса којашто бара од вас повеќе ветувања. Ветете толку колку што сте сигурни дека ќе можете да исполните. Луѓето не забораваат, тие помнат. Немојте да мислите дека ако вашиот политички опомент вети многу повеќе и нереално, дека народот тоа нема да го препознае. Луѓето се мудри и препознаат кој колку е искрен и кој ја говори вистината, рече Груевски на завршниот ден од политичката академија „Зајакнување на локалната демократија“.

Им порача да внимаваат на нивната лична репутација, да бидат чесни, работливи и посветени и да не забораваат на граѓаните.

- Нема лесни и незаслужени успеси. Потребно е многу труд, вложување и знаење, но и смелост да се преземе одговорност бидејќи нема поголема одговорност од таа кон граѓаните. Ви следи возбудлив период и контакти со граѓаните и не заборавајте на нив и откако ќе ви ја дадат довербата оти ако вие заборавите на нив и тие ќе заборават на вас на следните избори кои ќе дојдат по четири години, потенцира Груевски.

Лидерот на владејачката партија рече дека истражувања покажуваат оти ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на претстојните локални избори без разлика дали СДСМ ќе излезe на избори.

- Погледнете во минатото што се случувало со оние кои не ја говореле вистината и со оние кои мислеле од денес за утре како на краток рок да ги измамат гласачите и да ја добијат нивната доверба. Ние сме партија која не работи од денес за утре. Работиме на долги стази. Понекогаш губиме заради тоа, но на долг рок добиваме многу, добиваме на доверба која подоцна се одразува на многу избори понатаму, истакна Груевски.

Според него, светот на политиката почнува од локално ниво и локалниот развој и јакнењето на институционалните капацитети се клучниот сегмент во развојот на демократијата.

- Многу често работата на општините и проектите кои тие ги реализираат се најнепосредниот контакт со политиката. Оттука и одговорноста на сите кои се занимаваат со политика е поголема затоа што секој поединец учествува и ја прави сликата за тоа што ние правиме за развојот на државата и општеството. Локалниот развој и јакнењето на институционалните капацитети е клучниот сегмент во развојот на демократијата или како што Конрад Аденаур велеше општинската и локалната политика е школо за високата политика, рече Груевски.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека на Македонија и се потребни силни општини, отворени за граѓаните, кои ќе може непосредно да одговараат на предизците со кои се сочуваат граѓаните.