Ковачевски за Канал 5: Владината коалиција ја дели визијата за европска Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва во „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија, истакна дека во политиките на Владата никогаш не отсуствувала јасната стратешка определба за членство на Северна Македонија во ЕУ. Без разлика на предизвиците, ниту еден од коалиционите партнери во Владата нема поразлично мислење по тоа прашање, рече премиерот.

„Во однос на генералните правци на државата ниту еден коалиционен партнер во Владата нема различни мислење, а тоа е дека државата треба и е членка на НАТО и дека државата треба да биде членка на ЕУ. И сите одлуки и активности кои се носени се носат во таа насока. Не постои ниту еден дисонантен тон во тој дел“, истакна претседателот на Владата, Ковачевски.

Без разлика на предизвиците во исполнување на стратешките цели на земјата, членството во НАТО како и европската интеграција на земјата, се остварлива цел. Земјата веќе е членка на меѓународната воена алијанса, а членка на ЕУ ќе стане до 2030 година.

„Едно е факт дека визијата за европска Македонија ја делиме сите кои што сме во оваа владина коалиција. Тоа е голема коалиција, оваа коалиција има многу јасен став во однос на тоа каде треба да биде Република Северна Македонија до 2030 година и како. Ние знаеме дека до 2030 година нашата држава ќе биде земја членка на ЕУ, исто како што знаевме дека државата ќе биде земја членка на НАТО“, рече Ковачевски во „Само Интервју“.

Премиерот кажа процесот на пристапување во ЕУ, е со загарантиран македонски јазик, заштитен идентитет, како и билатерални прашања кои се надвор од преговарачката рамка, односно се решаваат на билатерално ниво, а како најдобра потврда за тоа Ковачевски го посочи последниот самит на ЕУ кој што се одржа во Брисел.

Тој истакна дека  Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот, останува да ја исполни обврската за уставните измени и веднаш без одлагање, без дополнителна одлука да биде закажана втората меѓувладина конференција и отворени поглавја.

„Преговарачката рамка е наша гаранција, одобрена од 27 земји членки во која што е јасно наведено обврските и на Република Северна Македонија и на ЕУ е гаранција како ќе се одвива процесот на преговори, таму стои чист македонски јазик и дека тоа ќе биде верификувано со потпишување на договорот ФРОНТЕКС. Договор ФРОНТЕКС е прв договор со ЕУ на кој што договор стои македонски јазик заедно со сите други официјални јазици на ЕУ одобрен од сите 27 земји членки вклучително и Бугарија и Грција. Кој можеше да претпостави?!“, рече Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски во „Само Интервју“ истакна дека сега за прв пат ветото за европската интеграција на Северна Македонија доаѓа од внатре, затоа е уверен дека граѓаните ќе изберат европска коалиција која ќе обезбеди 80 пратеници и ќе има влез на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година.

„А што треба да чекаме уште 100 години? Ќе ви кажам што ни направи чекањето. Ние ги започнавме преговорите во 2005 година заедно со Хрватска. Тогаш добивме кандидатски статус.

Хрватска беше зад нас. Планот беше во 2011 година Македонија и Хрватска да влезат во ЕУ. Што добивме ние? Хрватска влезе во ЕУ, Хрватска влезе во Шенген и Хрватска воведе евро.

Хрватската економија порасна дупло. 33% имаат поголем број на фирми. Македонските граѓани одат да работат во Хрватска“, рече Ковачевски.