Интервјуа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју за ТВ Тера зборуваше за владините политики и перспективите коишто се отвораат за граѓаните и државата, за меѓународната политика, а пред сè, се задржа на спроведувањето на политики кои се однесуваат на градот Битола и битолчани.

„Донесовме одлука на Влада заработката на ЕД ЕСМ Електрани на Северна Македонија да биде реинвестирана во енергетските објекти. Во РЕК Битола започна постапката за набавка и инсталација на електростатските филтри, инвестиција вредна 20,4 милиони евра. Тоа е најголемиот еколошки проект во кој државата со сопствени пари инвестира во екологијата. Го ветивме тоа на битолчани. Целта е од 100 единици честички да паднат на 20, како што кажуваат стручните луѓе“, истакна премиерот Заев во интервјуто за ТВ Тера.

Премиерот Заев потенцираше дека со парите од нето добивката што ги остварува РЕК Битола и АД ЕСМ ќе се инвестира и во самите капацитети, во нови ископи, во редовните ремонти, во обновување на целата опрема.

„Завршивме со продукција на струја од трите блока кои работат од ноември. Целиот зимски период го покривме и тоа претставува еден нов квалитет. Првиот квартал се надминати сите параметри односно имаме 105% остварување на производството на електрична енергија. Тоа е важно за граѓаните бидејќи на крај тоа осигурува стабилна цена на струјата и стабилна испорака. Минатата година имаме продажба на електрична енергија за извоз од околу 21 милион евра, а во првиот квартал околу 2.4 милиони евра извоз“, нагласи премиерот Заев.

На прашањето дали се случуваат испади на блоковите во РЕК Битола, премиерот Заев одговори дека во минатото 8 години не биле направени генерални ремонти што претставува обврска на секои 3 години и како резултат на таквото неодговорно раководење се случувале испадите и дефектите, додека денеска се почитуваат стандардите и затоа не се случуваат испади на блоковите.

„Оваа есен ќе почне да се гради системот за топлинска енергија кон Битола, Новаци и Могила, проект на KfW Банката, како што паралелно го носиме и гасот. Тоа е добро, ќе има конкурентност и граѓаните ќе можат да изберат што е подобро и поевтино. Битолчани ја имаат таа придобивка бидејќи го имаат РЕК Битола“, рече премиерот Заев .

Во текот на интервјуто за ТВ Тера, Претседателот на Владата на РСМ Заев одговараше и на повеќе други прашања, при што посебно внимание беше посветено на придобивките од скорешното членство ви НАТО и од очекуваното потврдување на датумот за отворање на поглавјата за членство во ЕУ.

„Единаесет земји до сега го ратификуваа протоколот. Јас верувам дека е возможно до крајот на годината да се стигне и да станеме 30-та земја членка со полноправно членство во НАТО. Јуни е исправен пред нас и економските параметри почнаа да се движат нагоре. Тоа се случувало во сите земји кога станувале членки во НАТО и отворале поглавја за преговори. 624 милиони странски директни инвестиции се рекордни, за два пати повеќе од било која претходна година, од самостојноста до сега, од најдобрата 2011 на пример, или 2012, 2013 и 2014 заедно. Индустриското производство оваа година во јануари порасна за 12%. Само во февруари имаме раст од 7,3%. Само овие два параметри покажуваат 1,2% пораст на БДП, и тоа ми дава за право да очекувам над 4% во првиот квартал. Увозот и извозот од ТИРЗ се пораснати, едниот за 26%, другиот за 29% и тоа значи дека целокупната продукција е зголемена. Домашното производство на услуги и производи расте. Тоа ќе значи дополнителна побарувачка за работни места којашто ќе предизвика повисоки плати“, истакна премиерот Заев во синоќешното интервју за битолската ТВ ТЕРА.

Премиерот Зоран Заев, вчера учествуваше во интервјуто за емисијата 200 која се емитува на Алсат-М телевизија.

„Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, одговори без двоумење на сите прашања на ЦИВИЛ МЕДИА поврзани со најактуелните прашања, настани и процеси во македонското општество и политиката.

Во своите одговори Зоран Заев е полн со верба во крајните позитивни исходишта од процесите, убеден дека бројните недостатоци што ги следат ќе бидат надминати. За секое прашање има одговор што содржи изобилство од податоци и детали, но не испушта да ја образложи и перспективата, целта кон која се движат или треба да се движат процесите.

Зоран Заев искрено верува во помирувањето и во концептот „едно општество за сите“. За Иванов вели дека е добро што завршува неговиот мандат како претседател. За законите без негов потпис, Заев посочува дека тоа е акт на заштита на парламентарната демократија која беше загрозена од Иванoв, и дека е согласно уставните рамки.

По исполнувањето на Преспанскиот договор од македонска страна, Премиерот очекува сите министри и градоначалници да работат повеќе и пофокусирано на исполнување на очекувањата на граѓанките и граѓаните. За него е стара вест дека нема да се кандидира за претседател, наспроти шпекулациите во јавноста.

Ова интервју е скица за тоа како ќе изгледаат настаните и процесите македонската политика и општеството во годините пред нас.“

Џабир Дерала

 

ЦИВИЛ МЕДИА: Три децении траеше спорот во кој Македонија не успеваше ни оддалеку да се приближи кон решение на спорот со Грција. Генерации политичари доаѓаа и заминуваа од политичката сцена и во Македонија и во Грција, но ситуацијата беше или статус-кво или се влошуваше. Вие и грчкиот премиер Ципрас го решивте проблемот за неколку месеци. Некои велат дека, едноставно, изборот на големите сили паднал на вас и дека Вие, всушност, сте имале среќа. Навистина, како успеавте за само неколку месеци да решите толку тежок спор што трае три децении?

ЗОРАН ЗАЕВ: Кога јас велам дека Договорот од Преспа е историски, имам предвид неколку аспекти.

Освен што стави крај на спор стар три децении меѓу нашите две земји, Договорот ја испраќа во минатото блокадата на нашиот повеќе-генерациски пат кон членство во НАТО и ЕУ.

Сметам дека моментот е историски бидејќи тој ја определува границата на нашето транзиционо минато. Од земја која во последните 11-12 години имаше проблеми да докаже дека е демократска земја, општество во кое неодговорното владеење воведе корупција во сите негови сегменти, земја која светот ја нарече заробена држава – во земја која за една година направи скок препознаен од целиот западен свет, реализираше реформи за возобновување на демократијата и за враќање на довербата во институциите, земја која го подготви теренот за економски и инвестициски раст и развој.

Историски е и аспектот што ЕУ и НАТО ја препознаа нашата држава како заедница која многу бргу ги реафиримираше европските вредности, и како земја која најодговорно го препозна своето геостратешко место, а со тоа презеде и улога да биде еден од генераторите на стабилност во регионот.

Ова е точка од која нема враќање назад. Секој обид овие процеси да запрат и да се врати земјата назад, ќе биде неуспешен бидејќи граѓаните нема да дозволат нова неизвесност за својата иднина, граѓаните нема да дозволат нов авторитаризам, при тоа имајќи предвид дека се наоѓаме во регион со кревка безбедност.

Некој може ќе каже дека јас и колегата Ципрас имаме среќна ѕвезда или дека големите сили нѐ избрале нас, но јас сум дециден дека успехот во политиката е можен само ако ги препознавате вистинските моменти, ако стоите на зацртаните вредности на кои сте се определиле од претходно, ако ги препознаете пријателите, ако опструкциите ве јакнат наместо да ве колебаат, и ако имате храброст, трпеливост и верба.

ЦИВИЛ МЕДИА: Дали останувате на проценката дека Законот за ратификација на Договорот од Преспа мораше да стапи во сила без потписот на Претседателот Иванов? Која е вашата аргументација за оваа постапка?

ЗОРАН ЗАЕВ: Тој дел од формално-правната постапка за стапување на Договорот од Преспа во сила е во надлежност на Собранието на РМ, но ние, како Влада, сметаме дека нема ништо спорно во постапката законите да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ без потпис на Претседателот Ѓорге Иванов. Постапката е во целосна согласност со Уставот на РМ, во рамките на предвиденото со законите, и уште повеќе, тоа е постапка на одговорност и нужност со која се отстрануваат опструкциите кои Иванов сакаше да ѝ ги нанесе на нашата парламентарна демократија.

Пред Уставот и законите сите се еднакви, вклучувајќи го и Претседателот на државата. Така вели Член 51, став 2 од Уставот на РМ.

Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието. На тоа го повикува Членот 75, став 3 од Уставот на РМ. Должен е, значи мора да постапи задолжително, а не да го крши Уставот и да се поставува над парламентарната демократија врз која е изграден нашиот општествено-политички систем.

И двата закони, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, беа усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март минатата година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така минатата година.

Со објавувањето на законите, беше запрена тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот со оглед на фактот дека, според заедничкото читање на Член 75 и на Член 52  од Уставот, Претседателот на државата е должен да потпише указ секогаш кога Собранието по втор пат одобрува донесување закон.

Претседателот на државата не е законодавно тело, ниту уставен суд. Тој беше повикан повеќе пати да го почитува Уставот и да постапи согласно законските обврски. Наместо тоа, тој  се постави како пречка за работата на законодавниот дом, и се постави како институција која се заканува да ги блокира сите процеси.

За жал, Претседателот Иванов не само што не го гледа тоа, или не сака да го прифати,  туку со својот настап и речник поттикнува нови делби, поттикнува конфликт во македонското општество. Добро е што завршува неговиот мандат, бидејќи на Македонија ѝ треба претседател кој ќе го поддржи патот на државата кон просперитет.

ЦИВИЛ МЕДИА: Можете ли да издвоите некој момент од разговорите со премиерот Ципрас што Вам посебно Ви остана во сеќавање?

ЗОРАН ЗАЕВ: Нашата прва средба во Давос пред точно една година, ако смеам да продолжам во духот на одговорот на првото прашање, беше резултат на внимателни постапки и потези што претходеа и кои ги создаваа или трасираа министерот Димитров и останатите од нашиот тим, и тогашниот министер за надворешни работи на Грција Коѕијас и нивниот тим соработници од најтесниот круг.

Тоа што велам дека претходеше на нашата средба во Давос, беа силната волја да се стави крај на спорот и големата свест за деликатноста и емотивноста на прашањето и за едните и за другите. Секоја средба и секој чекор, збор или постапка исполнети со внимателност и респект кон другите. Сето тоа исполнето со убеденост и на двете страни дека не смееме да изгубиме ниту секунда, ниту една прилика, а да не ја исполниме со постапка која ќе ја гради довербата, пријателството и препознавањето кај другиот дека сме подготвени да го решиме и затвориме ова прашање.

Во таа смисла, нема некој посебен момент како некое откровение. Она што го откривме еден кај друг беше вербата дека нашето ново пријателство ќе донесе историски договор и ново генерациско пријателство и доверба меѓу нашите народи, макар тоа било по цена на нашите политички иднини.

Кога имате таков соговорник на другата страна, такви посветени тимови какви што беа нашите, знаевме дека доаѓа моментот кога ќе испорачаме резултат, договор за историја, за паметење.

ЦИВИЛ МЕДИА: Ја оставивме турбулентната 2018 година. Освен големиот, историски подвиг со надминувањето на деценискиот спор со Грција, што многумина оправдано сметаат дека е Ваша лична заслуга, со што можете да ја пофалите владината екипа што ја предводите?

ЗОРАН ЗАЕВ: Кога станува збор за целиот процес на разговорите со Грција сакам да издвојам една определба што си ја зададовме сите – дека нема нерешливо прашање, нема нерешлива ситуација, нема да запреме пред ништо што се прикажува како нерешливо. И ме радува што ова станува особина на сѐ повеќе тимови во владата. Задоволен сум што обезбедивме многу канали со кои ги враќаме парите кај граѓаните, од тоа дека сметките за струја сега се пониски во просек за 500-1.000 денари по семејство, го враќаме персоналниот данок на земјоделците и ја одблокиравме исплатата на субвенциите, па сѐ до тоа дека успеавме да ги подготвиме законските решенија со кои казните се намалуваат до 70%, се укинуваат извршителските такси, а во исто време расте социјалната помош.

Во 2018 просечната плата постојано растеше, со пораст од 6.5% во октомври 2018, во споредба со октомври 2017. Задоволен сум и од транспарентноста и отчетноста на владините функционери – преку отвореноста и достапноста, расте одговорноста и домаќинското работење. Во 2018 ги решивме спорните наследени моменти на капиталните проекти и започна подемот на создавање инфраструктура со која се подобрува животот на граѓаните – започна масовна изградба на патишта, железница, водоводи, ги реновираме здравствените капацитети низ државата и се подготвуваме годинава за почеток на градба на Клиничкиот центар во Скопје, автопатот Скопје – Блаце и хидроелектраните Чебрен и Галиште.

ЦИВИЛ МЕДИА: Долго време се чека на решавање на суштински прашања од доменот на внатрешната политика, почнувајќи од реформите во правосудството и администрацијата, завршувајќи со Вашиот концепт „Едно општество за сите“. Не видовме сериозни зафати во сите критични области во државата, институциите, општеството и медиумите, преку кои кликата на Груевски ја одржуваше својата корумпирана и насилничка власт нешто подолго од една деценија. Дали откако македонскиот дел од Преспанскиот договор се исполни можеме да очекуваме да се преземат порешителни чекори во насока на враќање на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи? Кои се Вашите први следни чекори?

ЗОРАН ЗАЕВ: После големата одлука во нашиот Парламент, ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што сите ја посакуваме: Македонска држава како дел од европското семејство и како членка на НАТО, кои нѐ прифатија како Mакедонци, со свој силен идентитет и гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитетите и на сите нејзини граѓани, Албанци,Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, и сите други кои што живеат во нашата Македонија.

Oва е шанса и за градење на иднината, за градење на новото лице на нашата држава. Таа шансата е сега во нашите раце. Наша должност е, да го искористиме овој момент, да го исполниме она што го ветивме и она за што се боревме: подобар живот за сите граѓани на Македонија, подобри можности за нашите деца и земја со фер општество, поголем просперитет, растечка економија и подобри плати. Подобар здравствен систем, социјална правда и правен систем во кој ќе имаме доверба. Сега е време за таа промена.

Во моето обраќање после усвојувањето на уставните измени реков дека позитивните промени и подобрувања сега треба да ги редиме секој ден, и дека тоа го очекувам од сите наши министри и од сите наши градоначалници. Очекувам секој од нас да работи понапорно, поефикасно и пофокусирано. Знам дека граѓаните нема да прифатат било какви одолговлекувања, а нема ни јас.

Промените никогаш не се случуваат преку ноќ, но за да се случат потребна е работа и силен личен ангажман, секој ден, од секој од нас.

На оваа Влада, и на мене како нејзин претседател, ни останува да ја завршиме реформската битка за прогрес на земјата и за подобра иднина за секој нејзин граѓанин. Задачите се јасни и зададени, продолжуваме со реализација на реформите преку спроведување на измените на законите од правосудството, реформата и професионализацијата на безбедносните служби, деполитизацијата на јавната администрација и антикорупциската политика.

ЦИВИЛ МЕДИА: Бегството на Груевски, амнестијата, измените во Кривичниот законик и пуштањето од притвор на осомничените во случаите на СЈО предизвика остри реакции кај голем дел од јавноста што ја поддржуваше ненасилната револуција против режимот. Притоа, Вашата подадена рака се чини дека не ја намали жестоката реторика што доаѓа од националистичките структури во опозицијата. Што беше поскапоцено од правдата што толку долго време ја очекувавме? Дали амнестијата и другите знаци на попустливост ќе придонесат кон успешен процес на помирување во поширок контекст?

ЗОРАН ЗАЕВ: Јас досега неколку пати јавно реков: Исправен сум пред одлуки кои можат да ѝ нанесат сериозни штети на личната политичка кариера. Да се води Влада на Република Македонија во овие сензитивни моменти значи да се презема одговорност да се остварат најважните стратешки приоритети на земјата.

Ако целта ми беше да владеам, ќе се занимавав само со ултра популарни чекори. Но, јас не го правам ова за да владеам, туку за да завладеат перспективите  во Македонија – за да живеат подобро вашите, нашите деца.

Политичките процеси, во меѓувреме ги искомплицираа токму политичките лидери на кои единствена важна цел им беше уште еден мандат и пари за партијата и за нивните истомисленици.

Политиката која јас ја застапувам и ја спроведувам бара големи жртви и компромиси. Ама, јас научив дека компромисот го прифаќаш ако гледаш дека веднаш после него си чекор поблиску до целта.

Затоа, токму јас ја отворив дебатата за неопходното помирување и за простување, кое што ни е потребно во државата, за да ги движиме процесите напред. Тоа не е нешто ново и сега, наменски, смислено. Се сеќавате дека наши беа пораките “нема реваншизми, нема бркање од работа на неистомислениците”? Помирувањето е дел од истиот концепт, дел од идејата да се разговара и да се прифатат различните.

Законот за амнестија која е строго контролирана и ограничена, има за конечна цел да придонесе кон помирување помеѓу народните избраници од различни партиски определби во Собранието на Република Македонија, со тенденција тоа да продолжи по вертикала и кај навивачките групи и во општините и кај подмладоците во партиите и насекаде. Самиот Закон, прави јасна дистинкција, разграничување, што значи учество во насилството, за улогата на маскираните луѓе во насилствата и настаните, што значи организацијата или осмислувањето на настанот. Истовремено ќе ја испрати пораката дека казнувањето мора да постои.

Овој процес истовремено овозможи и амбиент на доверба меѓу пратениците во Собранието, амбиент во кој ја обезбедивме и двотретинската поддршка за измените на Уставот согласно Договорот од Преспа.

И тука сакам да сум јасен, бегството на Груевски никако не припаѓа во процесот на помирување и градење доверба меѓу различните политички структури во општеството. Напротив, бегството на Груевски е чин на неодговорност и предавство кон сопствената држава и сопствениот народ. Исто така, воведувањето домашни притвори за дел од обвинетите од случаите на СЈО се одлуки на судските власти каде немаме намера и никако не смееме како извршна власт воопшто да се мешаме – доста беа нарачки на судски одлуки и тефтери, видовме до каде нѐ доведе тоа.

ЦИВИЛ МЕДИА: Борбата против корупцијата изгледа како да не е приоритет. Речиси една година сме без ДКСК, иако тоа е важна институција и за изборните процеси, а законските измени се прават, повторно, преку компромиси со ДУИ. Најмал пример за тоа е препораката од Европската Комисија ДКСК да има пет, а под притисок на ДУИ, сепак, остана старото законско решение за седум членови. Дали тоа значи дека кадровските решенија останува да биде партиски, а не професионални и натпартиски?

ЗОРАН ЗАЕВ: Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија. Сите реформи на актуелната Влада се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата.

Во таа насока беше креиран и изработен новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, за кој инсистиравме да биде усвоен со европско знаме и во скратена постапка, за да нема веќе одлагања и опструкции од страна на опозицијата. Тоа не ја исклучи можноста за вклучување на опозицијата во амандманската расправа. Дури 20 амандмани на опозицијата се вградени во последната, усвоена верзија на законот. Со усвоениот закон ќе се создаде силно, незвисно регулаторно тело кое во соработка со граѓаните, граѓанските организации и со институциите ќе застане на патот на секого кој намислил да стекнува лична корист на грбот на граѓаните.

За време на подготовките и јавната расправа за законот, експертите укажаа на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува своите надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија.

Аргументите со кои беа поткрепени овие укажувања, се преточија во законски решенија кои се однесуваат на условите и начинот за избор, именување и разрешување на претседателот и членовите во состав на ДКСК, развојот на анти-корупциската програма и пријавувањето и проверката на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица.

Според новопредложените законски решенија, еден од условите за избор на претседател односно член на ДКСК е: лицето во последните десет години да не било пратеник, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија, или да не вршело функција во органи на политичка партија.

Се предвидува транспарентна постапка за избор на кандидати за претседател и членови на ДКСК, во која се вклучуваат, како учесници во интервјуто, претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Интеруниверзитетската конференција, здруженија на новинари, други здруженија и фондации.

Понатаму, се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК, особено со воведување на надлежноста за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи. Овозможивме финансирање на политичките партии од Буџетот, редно е партиите да бидат отчетни и чесни за трошењето на парите на граѓаните.

Заради поголема ефективност на механизмите за проверка, се предвидува ДКСК да има пристап до бази на податоци на 17 институции и се прецизираат должностите и роковите за одговор по барањата од ДКСК за потребни информации и податоци со кои располагаат физички и правни лица, органи и институции, други правни лица, вклучително банки и финансиски институции, за нејзиното надлежно постапување.

Борбата против корупцијата не познава поделби на наши или ваши, туку на чесни и нечесни, на оние кои ќе работат во интерес на граѓаните и владеењето на правото, и оние кои тоа не се.

ЦИВИЛ МЕДИА: Сѐ погласно се говори за предвремени парламентарни избори истовремено со претседателските. Пред да дојдете на власт говоревте за една изборна единица и други промени во изборниот систем во земјата, со што ќе се овозможи повисока партиципативност и почитување на гласачкото право, во насока на слободни, фер и демократски избори. Изборниот систем во овој момент има сериозни предизвици. Системот не успеа да ги реши проблемите поврзани со Избирачкиот список, неусогласеноста на бројот на гласачи во две од шесте изборни единици, деполитизација и професионализација на изборната администрација, гласањето на дијаспората, дупките во Изборниот законик, непотполното функционирање на Државната комисија за спречување на корупцијата речиси цела една година, незавршените реформи во судството (па така и во Управниот суд, значи жалбените постапки), проблемите поврзани со комисијата за антидискриминација… Дали сметате дека е погодно време за предвремени парламентарни избори? И, воопшто, што ќе направи Вашата Влада за да се надминат проблемите, а воедно да се создадат услови за исполнување на предизборните ветувања за подобрување на изборниот систем?

ЗОРАН ЗАЕВ: Мојот став го знаете: Македонија треба да го искористи овој момент. Пред сè, заради нејзината економија, реформите, да го средиме нашиот систем за да бидеме нормална земја. На Македонија ѝ треба отворената врата што сега е пред неа. Ни треба чистиот старт што е пред нас во однос на економскиот подем.

Сите земји што станале членки на НАТО или отвориле поглавја со ЕУ, имале сериозен прогрес.

За СДСМ и владејачките партии е посакувано да има избори. Ги знаеме анкетите, знаеме како стојат работите, ако истрчаме ќе добиеме 4 години пред нас. Тоа за секој политичар и политичка гарнитура е убаво. Дел од партиските колеги велат дека треба да одиме на предвремени парламентарни, заедно со претседателските, и така Македонија да добие чист терен, три години за реформи и економија до првите следни избори во 2021 година.

Од друга страна, стојат аргументите дека парламентарни и претседателски избори заедно значат поголем застој отколку само претседателски избори. Поради овие дилеми, во партијата сериозно ги анализираме состојбите и можам да гарантирам дека ќе донесеме одлука со која ќе обезбедиме најдобри услови за економијата, реформите и за решавањето на проблемите кои ги спомнавте во прашањето, да имаат чист терен.

Од друга страна, кога станува збор за институционалната поддршка за кредибилни избори, убеден сум дека сега, кога е донесен Законот за спречување и борба против корупцијата и судирот на интереси, ќе биде избрана силна Антикорупциска комисија што ќе придонесе и кон веродостоен изборен процес, особено во делот на финансирањето на политичките партии.

ЦИВИЛ МЕДИА: Дали можете да ни откриете имиња меѓу кои ќе се избере претседателскиот кандидат на СДСМ? Кој е Вашиот личен фаворит за претседателски кандидат?

ЗОРАН ЗАЕВ: СДСМ на своите највисоки органи и тела ќе го дискутира и затвори ова прашање после што јавноста веднаш ќе биде запознаена со нашата одлука. Moжам да ветам дека ќе овозможиме избор на личност за Претседател на државата со идентични стратешки интереси на мнозинството на граѓаните на нашата земја. Претседателка или претседател што, со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе работи на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседател-ка што e противник на поделбите и омразата и што ќе ја промовира Македонија како праведна земја, дел од глобалниот свет.

ЦИВИЛ МЕДИА: ДУИ и Али Ахмети се долгогодишни послушни партнери на режимот на Груевски. Иако нивната моќ се преполови откако голем број албански гласачи довербата ја дадоа на СДСМ, а во помал дел и на другите политички партии на Албанците, Вие им дадовте огромен простор, време и ресурси за опоравување од изборниот неуспех. Дали се толку добри и скапоцени партнери во власта и толку безгрешни што ниедна јавна осуда, а ниту, пак, судска постапка не е испратена на адреса на ДУИ? Можеше ли да биде поинаку?

ЗОРАН ЗАЕВ: Мислам дека правосудството денес е ослободено од какви било влијанија од извршната власт и во таа смисла, судските процеси не зависат од тоа дали некој е член на некоја партија или не, туку од тоа дали се огрешил пред законот.

Исто така, мојот повик кон министрите и директорите, кој го упатив веднаш после уставните измени, но и во ова интервју, јасно ги искажува моите и очекувањата на граѓаните кон секој именуван функционер, без разлика дали доаѓа од ДУИ, од СДСМ или од друг политички субјект. Сега кога државата е вратена под граѓанска контрола, кога критиката е јасна, гласна и се почитува, работењето на владините функционери мора да се подобрува постојано, секој ден, и околу тоа компромиси нема.

Политички гледано, оваа владина коалиција ја пресликува искажаната доверба на граѓаните за политичките субјекти на изборите во 2016 година. ДУИ е партијата која кај албанското гласачко тело освои најмногу гласови, а со тоа и најмногу пратеници. Оттука, нивната застапеност во извршната власт е соодветна, при што не смее да се заворави дека и СДСМ освои голем број албански гласови, што може да се види и во составот на пратеничката група во Собранието.

Знам дека сум препознаен како креатор и носител на концептот „Едно општество за сите“ и поради тоа носам огромна одговорност за негово успешно спроведување, за што неопходна е поддршка од сите политички и граѓански субјекти. Добро е што овој концепт го поддржуваат и застапуваат сите политички партии од владината коалиција, тоа гарантира негово успешно спроведување.

Од менаџерски аспект, јас на луѓето во владата не гледам како на луѓе од СДСМ, ДУИ или како луѓе кои дојдоа од експертската сфера, од граѓанскиот сектор или од било која друга партија. Гледам на нив како на луѓе кои треба да испорачаат резултати.

Дополнителен критериум за мене, е колку нивната работа влијае да се забележи разлика од политиките на претходната власт, дали работата на институцијата е променета на подобро. Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати со кои се подобрува животот на граѓаните, и да ги реализираат програмите на институциите што ги претставуваат. Тие програми не се лична сопственост на директорот или министерот. Тоа се програми на институцијата и на Владата на РМ.

ЦИВИЛ МЕДИА: Руското влијание е глобален политички феномен, а во земјава е забележливо преку опструкциите на авроатлантските процеси, најсилно изразени во текот на Референдумот, но и преку влијанија во доменот на меѓуетничките односи и во реформските процеси. Можете ли да ни откриете како Владата ќе се справи со последиците од руското влијание во земјава?

ЗОРАН ЗАЕВ: За нас не постои друга алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО. Оттаму, сосема е природна и очекувана поддршката од нашите стратешки партнери, земјите членки на НАТО и ЕУ.

Реформските процеси во Република Македонија и промените што ги интензивираат нашите евро-атлантски интеграции, се целосно внатрешно прашање на Република Македонија и на нејзините стратешки национални интереси.

Измените на Уставот согласно Договорот од Преспа, усвоени во Собранието со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот на Република Македонија, ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија.

Овие процеси добија цврста поддршка од пошироката меѓународна заедница, како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.

Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите.

На официјално политичко рамниште, за нас прашањето на нашата евро-атлантска определба е затворено прашање.

Исто како што е јасно дека остануваме посветени на негувањето добри односи на пријателство и соработка со Руската Федерација.

Во тоа име, сакам уште еднаш да кажам, Република Македонија има стратешки цели. Тоа е, полноправно членство во НАТО и во Европската унија. Ние бараме членство, заради тоа што ги споделуваме вредностите на НАТО. Тие вредности ги поддржуваат повеќе од 80 проценти од граѓаните на нашата земја.

Остануваме, на нашата длабока желба, да ја унапредуваме соработката и односите со Руската Федерација, а од тоа и двете земји може да имаат само бенефит.


Извор

За искрено пријателство меѓу двете земји и двата народи, за позитивните придобивки од Договорот од Преспа, за процесите во македонското Собрание и грчкиот Парламент, за членството во НАТО, претстојните претседателски  избори кај нас, но и за кандидатурата за Нобеловата награда за мир, говори македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон”, јави дописничката на МИА од Атина.

Во опширното и детално интервју на три страници, премиерот вели дека Договорот од Преспа во иднина не може да се промени, а изразува надеж дека решението меѓу Македонија и Грција ќе добие зелено светло од пратениците и во двете земји, но не ја крие и неговата загриженост.

- Да, загрижен сум, како што сум загрижен и за нашето собрание, бидејќи, на крајот, гласаат пратениците, одговара Заев во однос на претстојните процеси во грчкиот Парламент, едниот за ратификација и на договорот, другиот за ратификација на протоколот за членство во НАТО.

- Јас и мојот добар пријател Алексис донесовме одлуки и го презедовме целиот политички ризик бидејќи веруваме дека ова е правилната одлука за иднината на нашите татковини, вели Заев и потенцира дека според официјалните статистички податоци, во последните 10 месеци трговијата меѓу двете земји се зголемила за 18.7 отсто.

Во однос на процесот кај нас, вели дека во овој момент не знае колку пратеници ќе гласаат „за”, но верува дека ќе бидат над 80. Објаснува дека во тек е процесот на поднесување на амандмани за уставните амандмани

- Секако, процесот се води во консултација со грчката Влада, бидејќи е важно да биде во духот на Договорот од Преспа, со единствена цел зајакнување на нашето пријателство, вели Заев.

Премиерот, преку грчкиот весник, упатува порака до грчките граѓани дека сите одлуки што се носат од македонските институции се засекогаш.

- Процесот во нашите земји е неповратен. Не постои можност некој да го смени Договорот од Преспа. Пред сѐ, станува збор за закон и исто така тоа е уставна промена. Го променивме нашиот Устав бидејќи веруваме во подобра иднина за нашите граѓани и за целиот регион и за да пратиме порака до Европа за европски Балкан. И навистина, Грција има право да биде земја лидер на Балканот, коментира македонскиот премиер во интервјуто, пренесе МИА.

Во однос на одбивањето на македонскиот претседател да ја потпише ратификацијата на договорот, Заев вели дека постојат алтернативни можности, но она што сега има предност се уставните измени.

За реакциите од опозициите и во Македонија и во Грција, Заев коментира дека тие се идентични.

- Исти критики. Како да се браќа близнаци. Она што го знам е дека нашата опозиција посакува да помине договорот за да нѐ критикува. Го почитувам господинот Мицотакис, како и секој грчки политичар. Зошто да не му даде шанса на договорот, поддржувајќи го? Сепак, можеби ќе го поддржи барањето за наше членство во НАТО, зошто да не? Секако оние кои што на крајот одлучуваат се граѓаните и вреди да даваме можност за решенија, објаснува македонскиот премиер и додава дека искуството од минатото покажало дека отсуството на договор не донело ништо позитивно, а политиката од минатото нанела штета и врз двете земји.

Говори и за политиката на неговиот претходник Никола Груевски и проектот „Скопје 2014″ за кој објаснува дека чинел една милијарда евра, но и дека бил провокација за Грција.

Заев истакнува дека кога Ципрас дошол на власт испратил позитивна порака до нашата земја, а истото го сторил и тој со преземањето на премиерската функција.

- Овие (пораки) подготвија една минимална атмосфера во нашите кабинети, а пред сѐ кај министрите Коѕијас и Димитров за да седнат и да започнат разговори. Потоа, во Давос, со Алексис го поддржавме и го охрабривме процесот, таму искрено си ги отворивме душите, за два часа станавме многу добри пријатели и често разговараме за тоа колку си ги сакаме нашите земји, за тоа дека веруваме дека новото пријателство ќе донесе само позитивни резултати и подобра иднина за граѓаните од двете држави, објаснува Заев и додава дека тие биле свесни дека сето тоа може да има цена во нивните лични и политички кариери, но се потрудиле да бидат поразлични од нивните претходници.

Прашан за руските реакции, македонскиот премиер вели дека ние сме мала, но пријателска земја која што сака да ги зајакне односите и со Русија, но објаснува дека над 80 отсто од граѓаните се за евро-атлантска интеграција. Смета дека членството во НАТО ќе донесе мир и гаранции за мир на Балканот.

- Ние сме мирна и пријателска земја. Сакаме преку нашето членство во НАТО да донесеме мир. Сакаме овој мир да го шириме за нашата земја, за целиот регион, учествувајќи во мировни мисии во целиот свет за борба против тероризмот, радикализмот и екстремизмот, вели Заев и додава дека во овој момент, Македонија е црна дупка на Балканот бидејќи сите земји од регионот се веќе членки на НАТО.

Македонскиот премиер вели дека преку еден пријателски начин, со голем политички ризик, но во интерес на земјите, може и Србија и Косово да најдат решение како што тоа го сторија Македонија и Грција и додава дека „откривме алатка која што може да се користи од целиот свет”.

- Со голема внимателност ја донесовме секоја одлука за да не се навреди ниту една страна. Тоа е пријателскиот начин. Ова може да се користи како пример, не само од Србија и Косово, туку и од други региони во светот, вели Заев.

Во однос на Нобеловата награда за мир, кога тој и грчкиот премиер беа предложени, Заев во интервјуто открива дека му пишал порака на Ципрас дека е голема чест, Ципрас му одговорил дека „најголемата награда за нас е нашето пријателство и подобрата иднина за нашите земји и нашите граѓани”.

Вели дека е среќен е бидејќи што има нов пријател и се надева дека во иднина со Ципрас ќе се сретнат во Скопје или Атина, „секогаш со надеж и убедување дека двете земји и граѓаните може да бидат искрени пријатели”.

- Ќе направам се по гласањето да ѝ покажам на Грција, практично, предностите на договорот. Мојот мандат завршува во 2020. Ќе посветам голем дел од мојот мандат за да им покажам на грчките граѓани дека постојат само позитивни точки, истакнува македонскиот премиер во интервјуто за „Ефимерида тон синдактон”, пренесе МИА.

Заев објаснува дека нема да биде кандидат за претседател бидејќи не сака да ја загуби радоста на моментот кога ќе се имплементира договорот. Вели дека „следниот претседател треба да ги претставува сите граѓани, бидејќи сегашниот, со целата почит, еден демократски политичар не ги исполни очекувањата во целост.

Заев во опширното интервјуто на три страници, говорејќи за грчкиот премиер вели дека е „неговиот пријател Алексис”, а го споменува и истакнува пријателството меѓу двете земји и двата народи што дополнително ќе се зајакне по стапувањето на сила на Договорот од Преспа и ќе донесе корист и придобивки и за двете страни. Објаснува дека меѓу него и Ципрас постои доверба.


Извор

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев изрази очекување дека Македонија ќе стане земја членка на НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ, како и дека следната 2019 година ќе биде и економска година за Македонија. Овие проценки премиерот Заев ги соопшти во телевизиско интервју за „24 вести“. 

- Кулминацијата настана во Парламентот и оттука треба да почне помирувањето, да и заради процесот на носење на уставните амандмани, одговори премиерот Заев на прашањето во врска со Законот за амнестија, поврзан со настаните на 27 април 2017 година. 

- Демократиите дозволуваат носење вакви одлуки од страна на Парламентот. Не одлучуваме кој е виновен, а кој не, не делиме правда. Се прави јасно разграничување на организаторите и осмислувачите - да не бидат ослободени од одговорност, а на Македонија насушно и треба помирување. Во Парламентот се случува покајание и простување, а треба да се случи и меѓу навивачките групи, локалните заедници и политичките подмладоци.

Со овој закон нема да има последици по поглавјата 23 и 24 од преговарачкиот процес. ЕУ го поздрави Законот за амнестија, се разграничува одговорноста. Владеењето на правото не е доведено во прашање, тоа го потврди со Соопштение и Европската Комисија, рече премиерот Заев. 

- Имаме нешто што нè врзува сите, ЕУ и НАТО. Повикувам сите да ја разберат одговорноста на процесот што претстои, таа одговорност мора да ја понесеме, заради иднината на Македонија. Да испратиме порака за нормализација до сите, порача премиерот Заев. 

Тој соопшти очекување дека уставните амандмани ќе бидат изгласани и рече дека би било добро тоа да се случи со повеќе од 80 пратеници, како и дека очекува одлуки од некои опозициски пратеници кои го поддржуваат процесот, но не се решија до сега јавно да го поддржат. 

- Правам сè да успее процесот со уставните амандмани, додаде премиерот Заев, потенцирајќи дека со инклузивноста на процесот во нив се вградени и мислења на пратеници.

- Го јакнеме достоинството. Досега бевме ФИРОМ, нѐ ословуваа со “вашиот народ , вашиот јазик”. Сега, го јакнеме достоинството со тоа што како земја веќе никој не нè спори, ни по идентитет ни по јазик, кои се македонски. Перспективи отвораме, очекувам Македонија да стане членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ, додаде премиерот Заев.  

Во врска со заминувањето на Никола Груевски во Унгарија и лоцирањето можна одговорност, премиерот Заев посочи дека тоа треба да го утврдат внатрешната истрага и обвинителството, а дека по завршувањето на истрагата и тој и институциите ќе ги споделат сите информации што ги имаат со граѓаните. 

- Во демократиите нема тајно прислушување, следење... и демократијата има своја цена. Ќе се обидеме со сите демократски средства да го вратиме. МВР постапило според правата и обврските. Никола Груевски беше слободен граѓанин, се додека со судска наредба не му се одземе слободата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека не прифаќа политичка вина, бидејќи има информации за постапувањата на МВР, што биле согласно овластувањата. Дополни дека многу работи во врска со случајот не може да коментира поради текот на истрагата, но изрази сомневање дека е „помогнато однадвор“. Тој посочи и на средбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, со српскиот претседател Вучиќ и со унгарскиот премиер Орбан, при што изрази сомнеж за можна вмешаност на Мицковски. Премиерот Заев рече дека одговор за барањето за екстрадиција се уште нема, но дека „сите закони и меѓународни регулативи се на наша страна“, како и дека очекува, дека Груевски ќе биде вратен во Македонија. 

Во врска со прашањето за дуел со Христијан Мицковски, премиерот Заев рече:

- Мицковски мора да заземе став по државните и државотворните прашања, или да понуди алтернатива. Да изнудам став сакам, тој мора да има став. 

На прашањето дали ќе се кандидира за претседател на државата, премиерот Заев одговори: 

- Не, нема да се кандидирам за претседател на Република Македонија. 

Претседателот на Владата на Република Македонија во интервјуто одговараше на прашања од неколкумина новинари, како и од студенти присутни на дебатата, кои имаа можност да поставуваат прашања. 

Во врска со проблемот со иселувањето на младите рече дека очекува тоа да се намали со интеграциите во НАТО и во ЕУ, дури и во втора фаза младите да почнат да се враќаат во својата родна земја. 

За аерозагадувањето премиерот Заев соопшти дека се преземаат сите можни мерки, дека 80% од загадувањето потекнува од греењето, дека јавноста знае кој ја поскапе струјата за 100% изминатите години и кој со тоа ги натера граѓаните да преминуваат на нееколошки начин на греење. Тој рече дека се интервенира со употреба на еко пелети, гасификација, подобрување на јавниот транспорт, трамвај во Скопје со поддршка од Град Загреб, дека за две години нема да има домаќинство што ќе се грее на јаглен и кокс, дека за прв пат се отворени еколошки програми со наменети средства што се зголемуваат. Премиерот Заев соопшти и за повеќе отпочнати капитални инвестиции како изведба и на водоводи и канализации низ земјата, како канализациската мрежа во индустриската зона во Визбегово, почеток на изградба на 70 регионални патишта, отпочнувањето на втората фаза на Железницата и додаде дека очекува нивно зголемување. 

Во рамки на интервјуто, претседателот на Владата, Зоран Заев рече дека очекува 2019 да биде и економска година за Македонија, дека БДП-то расте во последните два квартала и дека очекува да продолжи да расте до најавените 5% до крајот на мандатот, што тој се надева дека ќе бидат и надминати со отворените интеграции и регионалната соработка. Премиерот Заев посочи на веќе зголемена трговска размена со Грција после Договорот, за 17%. Рече дека 2.5 пати е пораснат интензитетот на повратот на ДДВ, дека се спроведува правична казнена политика, без рекет и закани и притисоци како порано. Тој најави поврат на ДДВ-то до 15% за граѓаните, од 1 јули 2019 година, како и услови за намалување на каматните стапки кај банките. Претседателот на Владата, Заев најави и дуално образование со германски експерти, при што сопствениците од профитите ќе вложуваат во вработените. Сето тоа, како што рече премиерот Зоран Заев ќе го зголеми животниот стандард на граѓаните во Македонија. 


Извор

Попусто ќе биде ако ние го заокружиме процесот на уставни измени, а ја уништиме правната држава. Тогаш ќе добиеме негативна оценка од земји членки на ЕУ, кои будно ги следат процесите кај нас, вели македонскиот премиер.

Вчера се врати од Самитот на ЦЕИ во Загреб, каде не се сретна со Орбан, вечерта ги продолжи консултациите со координативното тело за помирување, реформи и интеграција, а денес покрај бројните обврски, имаше задоволство да биде домаќин на европратениците Мекалистер и Флекенштајн кои му изразија поддршка за реализацијата на Договорот од Преспа. Дури и при таа фреквентна агенда, она што го привлекува вниманието на гостите на неколку метри пред кабинетот на премиерот Заев, е видливата доминација на сликата на поранешниот премиер Никола Груевски, меѓу сликите на останатите поранешни премиери. Разговорот го почнавме токму со тоа: дали на таа слика и натаму ѝ е местото во ист ред со оние кои ниту ја напуштиле ниту ја посрамотиле Македонија?

„Незгодно прашање. Што и да е, Македонија нека памти, по арно или лошо, докажано или недокажано. Верувам дека сѐ она што значи меморија, од првиот премиер до денес, согласно со традицијата треба да остане. Некои премиери нашиот народ ги памти по добро, некои по лошо, некои оставиле слаб впечаток, некои поголем. Мислам дека не е мое да чепкам по тоа што е воспоставена практика од минатото.“ 

ДВ: Но она што треба да го „чепкате“ е какви се безбедносните импликации за државата од бегството на Груевски?

Зоран Заев: Мислам дека нема да има безбедносни импликации. Македонија не зависи од ниеден поединец, ниту пак има поединец којшто има толкав вид на информации што му стојат на располагање, за да предизвика некои безбедносни ризици за државата.

Не зборуваме за кој било поединец, туку за поранешен премиер кој по службена должност имал пристап и до огромен број високо доверливи информации.

Секако дека може да биде ранета Македонија на некој начин, затоа што се работи за човек кој десет години бил премиер. Сѐ она што е доверливо, државна тајна, службена тајна, останало во најголем дел кај него. Но, јас сум убеден дека ако Груевски реши да „удира“, или како што тој знаеше да користи фраза „забивање нож во грбот на Македонија“, тој може да ја рани Македонија, но безбедноста не може да ја загрози.   

Повеќе невладини организации побараа забрзување на истрагите за бегството на Груевски, а доколку тие не завршат за десет дена, најавија дека ќе бараат политичка одговорност од највисоките функционери.

Јас имам сознанија за дел од истрагата. Но, извршната власт мора да ги почитува истражните органи. Мора да научиме дека во демократските земји има ред и поредок, и тој треба да се почитува. Незгодна е ситуацијата во која се наоѓа и министерот Оливер Спасовски, а потоа и јас како премиер, заради жедта на јавноста да добие одговори. Примерот што сакаме да го оставиме како извршна власт е почитување на правото. Ја разбирам потреба од време и на МВР и на Обвинителството, па оттука, мојата замолница до нив секогаш била - ве молам забрзајте, граѓаните чекаат информација како се случило тоа, има ли одговорен, ако има каква одговорност ќе понесе, и слично... Не сакам ништо однапред да коментирам. Сакам да останам доследен. Истите граѓани кои денес бараат одговори, утре може да ме обвинат дека не ја почитувам истрагата. Да се држиме до законите, нека заврши истрагата, па ќе ги дадеме коментарите.

Но во демократските практики на кои се повикувате, има нешто многу важно, а се нарекува морална одговорност. Не видовме некој да понуди оставка како морален чин...

Оливер Спасовски разговараше за тоа со мене.

Јас не посочив никого, зошто вие го спомнувате Спасовски...

Бидејќи тој го направи тој чекор, разговараше со мене. Како колега во Владата и мој долгогодишен соработник, секогаш сме разговарале што со моралниот чин во вакви околности. Бидејќи, ако има морална одговорност, треба да има аргументација за тоа, да се објасни, да се лоцира каде е моралниот хазард, проблем, пропуст... Јас не гледам таков пропуст. Но, ако се покаже дека имало одговорност - јас ќе барам таа да биде конкретно понесена. 

Сепак, побрзавте да побарате одговорност од земјите низ кои помина бегалската рута на Груевски. Зошто од нив?

Јас побарав објаснување. Знам дека одговорноста, пред сѐ, е наша. Јас не зборувам за границите кои можел да ги помине со лична карта, не зборувам како влегол од Албанија во Црна Гора и во Србија. Прашувам како излегол од Србија. Сакам да знам како наш граѓанин ја поминал српската граница кон Унгарија, без пасош. Сакам да знам, дали кој било од нас ќе го пуштат без пасош со лична карта да влезе во Унгарија, земја членка на ЕУ.

Според српскиот претседател, поминал со патен лист т. н. пасаван...

Не знам како се дава тој патен лист, ни кој го дал. Сакам да ги знам тие информации. Барањето на тие одговори е мое право. Можеби ќе ги добијам, можеби и не. Продолжувам да негувам пријателски однос, како премиер на земја што сака да гради пријателство и добрососедство, но имам право и да барам одговори. Не случајно прашав - дали доброволно заминал или можеби бил киднапиран? Имам причина да го поставам прашањето. Овие прашања е важно да се одговорат, онолку колку што е важно да се разберат и прифатат нашите правни и политички аргументи кои ги испративме до Унгарија за потребата и обврската Груевски да биде вратен во Македонија, да ја отслужи казната и да се исправи пред останатите судски процеси.

Во почетна фаза е процесот на помирувањето во Координативното тело во парламентот. Но тој бара поширок круг на емитување такви пораки во сите пори на општеството. Можно ли е релаксирање на состојбите без елементарна комуникација меѓу вас и претседателот на најголемата опозициска партија?

Ова е еден сегмент од еден поширок пакет. Потребата од помирување е нужно заради стратегиските цели на Македонија - интеграцијата во ЕУ НАТО, но пред сѐ зарaди нас самите. Ајде да видиме дали може да направиме добрини за нашата Македонија - интеграција, реформи, превенирање на можни политички кризи или слабости на системот... Во градацијата на процесите во земјава, овие се со најголема важност. Паралелно, треба да му дадеме и шанса и на помирувањето и тоа треба да има импликации и хоризонтално и вертикално во општеството. Би сакал да допре до оние двајца раскарани браќа во едно од струмичките села, коишто ги познавам. Или во прилепско село, каде во едно семејство живеат поделени политички. Којзнае каква е таа рефлексија врз секојдневието на нашите граѓани, сѐ заради пуста политика. Со процесот тргнавме од Собранието, бидејќи кулминацијата на таа поделеност беше токму таму на 27-ми април. Очекувам телото за помирување како натпартиско, да ме повика и мене, и министри, и партиски лидери, да ни даде насоки за дејствување кои би дале резултати. Јас го повикав лидерот на опозицијата да учествува во тој процес во парламентот, тој одби. Апелот и натаму останува да се приклучат сите.    

Кои се гаранциите дека и во последната фаза од процесот за уставни измени ќе има двотретинско мнозинство, ако осумте пратеници нивниот глас постојано го ставаат во корелација со изречените притвори? Дали тој процес ќе биде заложник на работите што се во надлежност на судството?

Апсолутно не. Се надевам дека едниот процес нема да влијае на другите процеси, вклучително и на правосудните. Ние сме мала земја и јасно ми е дека сѐ има влијание едно на друго. Попусто ќе биде, ако ние го заокружиме процесот на уставни измени, а ја уништиме правната држава. Тогаш ќе добиеме негативна оценка од земји членки на ЕУ, кои будно ги следат процесите кај нас. Треба да ги водиме процесите така како што е исправно, со цел Македонија да стане правна држава, со независни медиуми, со професионална администрација, со средени безбедносни служби кои нема да прават лупинзи какви што ни се случија во минатите години, за да се нормализира државата. Значи, ако сум невин, да знам дека ќе добијам правда. Ако се обратам до администрацијата, да знам дека сервисот функционира. Ако има закани, да знам дека безбедносните служби си ја вршат својата работа.

Ако тврдите дека нема да има никаква „трампа“ со влијание врз тековните судски мерки и процеси, јавноста очекува јасен одговор: имал ли поранешниот директор на УБК придонес во обезбедувањето 2/3 мнозинство?

Слушав и јас за ставовите на Мијалков дека тој бил „про“, дека разговарал со пратениците, па дури и дека некои биле со него кога бил приведен. Не знам дали Мијалков, или некој друг, обезбедил гласови. Дали имал некакво влијание и какво, ќе видиме на крајот од процесот, во јануари. Знам само дека јас разговарав со пратениците и продолжувам да разговарам. Јас со нив не разговарав ни за Сашо Мијалков, ни за Никола Груевски. Тие се пратеници, независни личности со кои разговарав врз основа на аргументи, за да помогнат со својот глас, и да кажат што им е е важно за да се вградат во тој процес. Тие испорачаа барања и јас ги прифатив: дополнување на амандманите и формирање на телото за помирување. Низ разговор за политички процес кој нема да влијае врз правосудниот процес и нема да ја помине црвената линија за одговорноста, најдовме заеднички јазик кој ќе нѐ води кон помирување. И знам дека тие луѓе веруваат во овој процес. Знам дека и многу други веруваат, бидејќи разговарав и со многу други, но немаа досега храброст да се прекршат. За жал, еден дел од опозицијата е толку ригиден, што знае за одговорноста, но од пусти политички калкулации никако не се прекршува. Но јас ќе продолжам да разговарам. Во конечноста на амандманите сите ќе видат колку сме инклузивни, токму заради сугестиите кои дојдоа на конструктивен начин од претставници на самата опозиција.

Може ли таа конструктивност да е само дел од сценарио, во кое на крајот никој од нив нема да крене рака за уставните измени? Што е гаранција дека независните пратеници ќе гласаат во последната фаза?

Гаранција е вграденоста на нивните сугестии во амандманите. Процесот е жив, динамичен, се дебатира. Ќе има голема јавната дебата, за на крајот да имаме аргументирана основа за која поддршка ќе дадат 80 и плус пратеници.

Планирате ли да се повлечете од раководење на Советот за реформи во правосудството?

Во моментот кога го формиравме, имаше откажување од учеството во него од страна на некои експерти, во делот на реформите за кои дебатиравме. Се вклучив, бидејќи сакавме да го подигнеме нивото, да покажеме посветеност кон реформите.   

Дури и да е тоа со најдобра намера, едно е да покажете волја и посветеност кон реформите, но многу поважно да не згазите на линијата на разграничување помеѓу судската и извршната власт, односно Вашето раководење со тој Совет да не создаде дилеми дека се креираат одредени процеси од кои власта би имала полза. 

Не сум јас правосуден систем во Македонија. Не сум јас тој што ќе одлучува за таа сфера. Ако сугерирате дека тоа може да предизвика такви перцепции, јас немам проблем - ќе се откажам! Еве, ја прифаќам таа одговорност и во ова интервју јавно соопштувам дека ќе си поднесам оставка од таа позиција во Советот за реформи во правосудството. Но, какви ќе бидат процесите потоа во Советот, бидејќи се работи за законски решенија кои некој треба да ги води, да ги менаџира во дијалог со опозицијата, и да обезбеди двотретинско мнозинство. Еве, нека биде одговорноста за тоа заедничка - моја, но и Ваша, со ова интервју. Јас го дадов зборот, бидејќи го поставивте прашањето. Тоа е одговорен однос на политичар пред јавноста.

Како опозиционер поминавте тежок и трнлив пат до власта од 2015 година до денес. По клучните надворешнополитички успеси, зошто денес дозволувате тој политички капитал да го трошат функционери кои не се посветени доволно на обврските или не разбираат дека ароганцијата е најлош начин за комуникација со граѓаните?

Се сметам за добар, но и за строг тогаш кога треба да бидам строг. Се случува мои пријатели од „шарената револуција“, луѓе кои се надвор од партиите и партискиот живот, да бидат сериозни критичари кон мене и мојата Влада. Разликата е во тоа што тие ја имаат слободата за критика за некои прашања, а јас ја имам одговорноста за комплексноста на сите процеси во државата. Да, секој што ќе направи грешка која е за оставка или има одговорност за разрешување - ќе ја сноси таа одговорност. Разговараме за тоа во Владата. Го разбирам Вашето прашање во насока дека нас „нѐ јаде и нѐ троши“ непреземањето на одредени чекори, веднаш, сега... Имам причини зошто давам толерантни периоди. Знам дека има мислења дека тоа директно ми штети како премиер. Верувам дека со луѓето треба човечки да се работи. Притоа знам и пред какви сериозни процеси и обврски се наоѓаме во овој момент. Така што, не е толку едноставно.

Има ли ризици за нашето членството во НАТО и покрај успешно завршени обврски од Договорот од Преспа, и во Македонија и во Грција. Какви се гаранциите дека не е можна блокада на нашето членство од некоја друга земја-членка на НАТО, преку нератификување во нечиј парламент?

Не гледам таква околност за опструкција. Гледам потреба да ги завршиме обврските дома, гледам да потреба да го забрзаме процесот на наше безбедносно подготвување, за кое се одвива скрининг-процесот. Премиерот Пленковиќ рече дека сака неговата земја Хрватска да биде меѓу првите што ќе го ратификува договорот. Самитот на ЦЕИ го искористивме и за таква поддршка. На тој пат имаме поддршка од сите, не гледам причина за стравување.

Се слушате ли со Вашиот грчки колега Алексис Ципрас?

Последниве две недели не, инаку редовно се слушаме. Многу често разговараме за градење агенди, за тоа како да им ги покажеме на граѓаните придобивките од Договорот од Преспа. Дел од разговорите се однесуваат како да се приклучиме на онаа иницијатива во која учествуваат Бугарија, Србија, Грција и Романија, бидејќи и ние сме дел од тој коридор. Имаше една иницијатива за која би сакале да разговараме на првата следна средба, за железничко поврзување од пристаништата во Солун и Пиреа, значи од Грција преку Македонија, Србија, па до Западна Европа. Тоа се многу важни теми, бидејќи знаеме како се движи таканаречниот „пат на свилата“, економските интереси, влијанието на Кина и нејзината потреба за пласман на овој пазар. Автопатиштата на Коридорот 10 се одлични, треба да го доразработиме и Коридорот 8, на кој работиме интензивно. Значи, разговараме за активности и идеи кои треба да бидат показател на придобивките од Договорот од Преспа за граѓаните на двете земји.


Извор

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вчера учествуваше во интервју на емисијата „360 степени“ која се емитува на Алсат-М телевизија.

Помина половина година откако ја формиравте Владата. Дали вие лично сте задоволен од постигнувањата досега, со оглед на тоа што меѓу граѓаните постои одредено разочарување што е и разбирливо, ако се имаат предвид огромните очекувања од смената на власта, по еднодецениското владеење на Никола Груевски?

- Разбирливи се големите очекувања од оваа Влада. Впрочем, и ние самите како Влада, како коалиција и како политички концепт си поставивме големи цели пред нас. Нема отстапки, свесни сме што нѐ чека во 2018 година и целосно сме посветени на реализација на реформите и на подобрување на животот на граѓаните. Очекувањата на граѓаните истовремено произлегуваат од фактот дека 11 години Македонија назадуваше во сите области. Државата беше осиромашена, голем процент од граѓаните беа доведени на работ на егзистенција. Истовремено, наместо на проекти што го олеснуваат животот на луѓето, парите се трошеа на бесмислени проекти. Македонија за една деценија „успеа“ да ги заостри односите со сите соседи. Граѓаните живееја во стеги, неизвесност и страв за себе, но и за своите блиски. И затоа очекуваат брзи и пред сѐ видливи решенија.

Наспроти досегашните 11 години, резултатите од првите седум месеци на новата влада се веќе видливи. Успешноста во работењето ја мерам пред сѐ согласно економските ефекти. А, такви има многу. Ќе наведам неколку - мерките за штедење што Владата ги презеде со ребалансот веќе покажуваат зголемен прилив на средства во буџетот. Во насока на отчетноста и транспарентноста, се декласифицираа сите досега класифицирани документи што се однесуваа на привилегирани трошења на народни пари, а во насока на заложбите за враќање на парите кон граѓаните и стопанството, се исполнија и конкретни мерки од владината програма, како укинување на радиодифузната такса, зголемување на минималната плата, воведување евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата, решавање на проблемот со стечајците, ослободување на социјално ранливи граѓани од блокирање сметки од страна на извршителите. Исто така, сакам да истакнам дека на крајот на 2017 година успеавме да реализираме 83, 6 проценти од проектираните капитални инвестиции, што е најголема реализација после 2013 година. Дополнително, даночните приходи се за 4,6 отсто повисоки од 2016 година, а УЈП во 2017 година реализираше поврат на ДДВ кон фирмите, кој е за 2,2 милијарди денари повисок од 2016 година.

Дојдовте на власт со крупни ветувања, пред сѐ во делот на социјалата и економијата - за зголемување на стандардот, за субвенционирање на малите и средни бизниси, за враќање на средната класа. Во изминатиот период донесовте и одредени мерки во таа насока, но во реалниот живот засега не се чувствува некое позначително подобрување? Кога граѓаните и реално ќе ги почувствуваат ефектите од новите политики што ги најавувавте за време на изборите?

- Да поправите нешто што се урнисувало повеќе од една деценија не е едноставно. Но тоа не го гледам како пречка, туку како уште поголем предизвик, мотив повеќе да ги удвојуваме напорите за мирен и квалитетен живот на граѓаните. Јас сум оптимист кој ги базира своите очекувања на конкретни планови и сакам да ги уверам граѓаните дека ќе ја оправдам нивната доверба. Сметам дека дел од ефектите граѓаните веќе ги чувствуваат – живеат слободно, разговараат меѓу себе без да се плашат дали некој ќе ги слушне и казни заради политичкиот став. Граѓаните имаат можност директно да ѝ се обраќаат на Владата со сугестии, а институциите постапуваат по предлозите. Скратени се трошоците на функционерите и со тие пари се закрепнува финансискиот систем. Една од мерките која веќе го подобрува стандардот е зголемувањето на минималната плата, со која се опфатени околу 70 илјади наши сограѓани, а која ја активираше спиралата на покачување на платите во приватниот сектор. Исто така, ги изедначивме условите за инвестирање за домашните и странските компании. Политиките на актуелната влада веќе привлекуваат и многу странски инвестиции, така што 22 компании веќе се подготвени да инвестираат во Македонија. Ова ќе значи отворање на илјадници работни места, зголемување на БДП. Следствено на тоа, во државниот буџет ќе се слеваат повеќе пари за социјалните аспекти на државата. Убеден сум дека Македонија може да има поубава иднина, а нејзините граѓани да живеат подостоинствено. Со овие економски политики финансиски полека ја стабилизираме државата. За да се спасиме од плаќање високи камати, до средината на следната година ќе бидат платени заостанатите фактури што ги добивме како наследство од претходната власт. Истовремено, за планот за економски раст со буџетот за 2018 година определивме 3,1 милијарди денари, односно околу 50 милиони евра. Тоа претставува 46 проценти повеќе за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициска активност. Создаваме здрава економска основа за развој на фирмите за да бидат конкуренти и на домашниот и на странски пазари. Како резултат на тоа, уверени сме дека проекциите за предвидениот раст на бруто-домашниот производ од 3,2 проценти за 2018 година се реални и остварливи.

Најавувате амбициозен процес на реформи во земјава. Како планирате да го спроведете тоа во ситуација кога Владата почнува да ги покажува првите знаци на нестабилност, главно слично како што е тенко и колебливо и парламентарното мнозинство, така што се принудени да собирате кворум дури и со пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ?

- Коалицијата е стабилна затоа што меѓу коалициските партнери има јасен договор кој се базира на реформите и на посветеноста на потребите на граѓаните. Сѐ додека ова се приоритетите на Владата, таа ќе биде стабилна и во тој случај верувам дека постојат услови овие вредности и цели да бидат прифатени и поддржани и од пратеници кои досега не беа дел до владејачкото мнозинство. Различни мислења секогаш ќе има, вклучително и помали политички и кадровски промени, но мисијата е една и јасна, и сите капацитети се вложени во неа – обезбедуваме подобар, мирен и квалитетен живот за сите граѓани на државата, заедно градиме едно општество, еднакво за сите, а Македонија е слободна и во неа слободно се живее. Ако останеме фокусирани на овие вредности, Владата ќе остане стабилна.

Очекувате ли ревитализација на политичкиот дијалог по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ и за кои прашања би преговарале со опозицијата?

- На секоја власт ѝ е неопходна здрава, демократска и критички настроена опозиција. Таа треба будно да ја следи нашата работа и секојдневно да укажува каде треба да се подобруваме. Тоа ќе биде од помош за Владата, за да работиме уште повеќе и уште попосветено. Во оваа насока, очекувам конструктивна соработка и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која сега е предводена од господинот Христијан Мицкоски. На нашата прва средба имавме конструктивен дијалог, иако за некои од темите имавме различни мислења и ставови. Но во едно се согласивме – неопходно е учество на опозицијата во реформските процеси. Со господинот Мицкоски, исто така, констатиравме дека местото на Македонија е во ЕУ и во НАТО и за тоа е потребен ангажман од сите политички субјекти како на власта, така и на опозицијата. Јас уште еднаш ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, активно да учествуваат во работата на Собранието и сите заедно да одлучуваме за доброто на Македонија. И подготвен сум да разговарам со опозицијата буквално за сите прашања и одлуки, со единствена цел – заедно да создаваме добри перспективи за Македонија.

Го сменивте ставот кон претседателот Иванов, поради неопходноста за кохабитација со него? Каков е сега неговиот однос кон вас и кон Владата, со оглед на тоа што претходно не го признававте неговиот легитимитет ниту изборите на кои беше реизбран и одбивавте тој да биде покровител на дијалогот за надминување на кризата?

- За да постигнеме единство во земјата, заради концептот „едно општество“, неопходно е сите политички фактори во земјата да соработуваат меѓу себе. Токму затоа, во една демократска земја, каква што се стреми да биде Македонија, мора да постои дијалог помеѓу претседателот на Владата и претседателот на државата. Сѐ разбира, кохабитацијата може да биде на уште повисоко ниво, а за тоа е потребно политичките лидери да се издигнат над партиските бои и да исчекорат одважно од политичката доктрина на делби, кон јасни политики за обединување. Во таа смисла, ќе потсетам дека Владата реагираше на новогодишното обраќање на Иванов во кое тој кон граѓаните упати пораки кои повикуваат на натамошни делби и кои се спротивставуваат на концептите за градење на единствено и заедничко општество.

На што го темелите оптимизмот за брзо зачленување во НАТО и за добивање датум за преговори со ЕУ кон средината на следната година? Што се смени подрастично во изминатите шест месеци во делот на исполнувањето на критериумите, така што она што беше незамисливо до пред една година сега станува очекувано?

- Само осум месеци по инцидентот во Собранието, Македонија во регионот, но и пошироко, се перципира како нормална демократска земја со кохезија и сила. А тоа го постигнавме пред сѐ со возобновување на „избледените“ пријателства со соседните земји. Потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. По успешната меѓувладина седница со Бугарија, одржавме и заедничка седница со владата на Албанија. Неодамна бев во посета на Косово, а интензивно го чуваме пријателството со Србија. Конечно, градиме доверба со Грција, што ни дава право да кажеме дека Македонија е пријател со сите свои соседи. Јас и моите колеги од регионот сме свесни дека само заедно, како регион на Западен Балкан, низ добрососедска економска и политичка соработка можеме да обезбедиме напредок и да придонесеме кон безбедноста и развојот за сите држави од регионот. Една од заедничките констатации на лидерите од регионот и на еврокомесарката Могерини, на неодамнешната средба во Брисел, е дека 2017 е година на успех за Западен Балкан. На таа средба ја потврдив посветеноста на Македонија кон остварување на реформите во правосудството, безбедноста и јавната администрација, реформи кои се дел од планот 3-6-9 кој беше подготвен и консултиран со граѓаните преку широка дискусија со експерти и граѓански организации. Меѓународната заедница го препозна тоа, ги препозна инклузивните политики и политиките на отворени врати што ги практикува Владата. И затоа очекувам Македонија да добие свое место во Стратегијата за проширување на ЕУ која ќе биде објавена во февруари 2018 година.

Дали е можен позначителен пробив на Македонија на патот кон Брисел без симнување од дневен ред на прашањето за името? Може ли да се очекува поголем напредок во решавањето на овој проблем за време на вашиот мандат и на кој начин би се постигнало тоа?

- Прашањето за името што е отворено со соседна Грција е важен чекор на патот што Македонија треба да го изоди до целосна интеграција - и внатре и надвор. Посредникот Метју Нимиц се сретна со преговарачите од двете страни и утврди дека тие се спремни суштествено да навлезат во решавање на проблемот. Јас сметам дека до крајот на првата половина на 2018 година ова прашање може да биде затворено. Мојот оптимизам го темелам на подготвеноста на двете страни без предрасуди да разговараме за сите прашања и за сите решенија кои ќе значат унапредување на односите и кои се во интерес на граѓаните на двете земји. И верувам дека ќе го постигнеме тоа со целосно зачувување на нашиот дигнитет. Граѓаните ќе нѐ наградат повеќе за храброста и за вербата во перспективите и иднината, отколку за евентуалната уназаденост ако останеме заглавени во минатото. Да потенцирам дека сѐ што ќе правиме во овој процес, ќе го правиме транспарентно и отворено и на крајот се надевам тоа ќе го потврдат и граѓаните.

Ризикувате ли незадоволство во СДСМ, со оглед на впечатокот дека на раководни позиции главно ангажирате луѓе од невладиниот сектор и „Шарената револуција“, а се обидувате да придобиете и дел приврзаници на претходната владејачка гарнитура - и тоа за позиции за кои имате компетентни кадри и во своите партиски редови?

Како Влада на Република Македонија, јас и останатите членови водиме политика која мора да ја оствари конечната цел, а тоа е живот за сите. Што значи не само за членовите на СДСМ, туку за сите граѓани на оваа земја. Императив и главен критериум при поставување одредена позиција мора, потенцирам мора, да биде стручноста на поединецот, без разлика дали поседува или не поседува партиска книшка. Околу 70 проценти од луѓето не се членови на ниту една партија. Дали тоа значи дека не треба да бидат вработени? Не. Ваквата практика мора да престане, без разлика дали некој ќе биде задоволен или не. Исто така, важно е да се знае дека од сите ангажирани лица, особено од оние што добиле доверба и задача да водат и да креираат демократски амбиент и професионални институционални сервиси, се очекуваат конкретни и видливи резултати. Реформата ќе ја обезбедиме единствено ако ги вложиме сите капацитети - и на партиските кадри, и на непартиските, и на експертите, и на невладините. Време е да престанеме да се пребројуваме и да се бележиме, и наместо тоа да се вложиме за заедничката повисока цел – успехот на Македонија, успехот на сите граѓани.

Меѓу актуелните судии има квалитетни кадри

Која е приоритетната цел на реформите во правосудството? Можна ли е реална реформа со истите кадри и останувате ли на намерата за генерален реизбор на судиите?

- Неопходен ни е независен и ефикасен судски систем и не прифаќам ништо помалку од тоа. Ако немаме независно судство, сите други проекти, реформи, планови паѓаат во вода. Во таа насока, да потенцирам дека на 45. седница Владата усвои пакет предлог-закони согласно препораките на Прибе. Тука се вбројуваат предлог-законите за судовите, за извршување на санкциите, за Јавното обвинителство, за јавнообвинителска служба, за кривичната постапка, потоа предлог-законите за внатрешни работи, за полиција, како и за следење на комуникациите. Во оваа пригода ќе повторам дека никој во судскиот систем во земјава не треба да ги слуша партиите ниту функционерите од извршната власт. И од говорницата во Собранието јавно порачав дека ќе разрешам министер или заменик, ако добијам потврда дека вмешале прсти при носење каква било судска одлука или при поставување или разрешување судии. Судските одлуки мора да се носат во согласност со законите, Уставот и по сопствено убедување на судиите – тука е суштинската реформа во судството. Должни сме да обезбедиме владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите што се огрешиле пред законите. И како и за сите други сектори во земјата, сигурен сум дека сериозен дел од постојните кадри се квалитетни, чесни, професионални и соодветно обучени.

Оставивме на функции и луѓе од претходната власт

Колку сте искрени во намерата да ја реформирате и рационализирате државната администрација според стандарди и критериуми, а не според партиски клуч? И дали е тоа изводливо со оглед на тоа што се обидувате ги задржите сите вработени за време на претходната власт, дури и оние што биле вработувани надвор од критериумите и за време на избори?

- Не сакаме да ја продолжиме практиката на претходниците, што значи дека се спротивставуваме на праксата со доаѓањето нова политичка гарнитура да се отпуштаат партиски кадри од спротивната опција или да се вработуваат кадри исклучиво од „нашата“ опција. Мораме да се ослободиме од партиските стеги и конечно, кога е во прашање проценката, мерењето на квалитетот - воопшто да не биде важно дали некој граѓанин е член или симпатизер на некоја партија, уште помалку на која. Ова е важно и заради реформите што ЕУ ги бара од Македонија, но пред сѐ заради внатрешно смирување на политичкиот амбиент во кој досега постоеше длабок рез меѓу партиските припадници на едната и на другата опција и оние што се декларираа за политички неутрални. Градиме амбиент на ново време во кое секој може слободно да ја декларира својата политичка припадност или неприпадност и тоа никако да не влијае врз неговиот живот ниту врз квалитетот на услугите што институциите мораат да ги испорачаат кон граѓаните. И сами рековте дека на дел од раководните позиции и натаму се луѓе што и претходно биле таму. И тоа е така во повеќе од 30 отсто од институциите. Зошто да не се искористат постојните капацитети, ако се квалитетни? Главната задача на новоформираниот Совет за јавна администрација ќе биде да создаде ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација. Мора да поттикнеме мотивираност и посветеност, а тоа ќе се постигне преку почитување на професионалноста и стручноста, преку напредување во кариерата и награди, преку продуктивност и ефикасност на јавната администрација, со цел квалитетни услуги кон граѓаните на Македонија. Советот будно ќе ја следи реализацијата на стратегијата за реформи во јавната администрација, која е дел од планот 3-6-9.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вчера гостуваше на интервју во телевизија Кисс.

Интервју на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев за емисијата „Проверено“ на Телевизија 24.