Средба Ковачевски - Секизќок: Северна Македонија е важен партнер и фактор на стабилноста во регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Република Турција во земјава.

На состанокот се потврдени традиционално добрите и пријателски односи помеѓу Северна Македонија и Турција и се разгледани можности за натамошен развој на соработката во областа на економијата. Констатирано е дека како партнери во НАТО, за двете држави се отворени дополнителни можности за унапредување на соработката во сите области.

Разговарано е за повеќе актуелни прашања, како што се предизвиците од војната во Украина и за начините на нивно надминување, посебно во делот на обезбедувањето храна и енергија.

Воедно, заеднички е оценето дека дијалогот е единственото разумно решение за кое било отворено прашање.

На средбата е пренесено дека Турција гледа во Република Северна Македонија важен партнер на Балканот и дека евроатлантските интеграции на нашата држава значат придонес во стабилноста на целиот регион.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната и принципиелна поддршка од Турција во напредокот на нашата држава, нагласи дека Турција е меѓу значајните инвеститори во земјава и дека билатералните односи продолжуваат да се развиваат во ефикасен и пријателски дух.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Владата на Република Северна Македонија презема конкретни чекори во поддршката на животниот стандард на луѓето и применува европски вредности во политиките, исклучиво во полза на граѓаните и на државата и на тој начин продолжува да работи.