Владата го продолжи рокот за постоење на кризна состојба со топлинска енергија до 30 април

Владата на Република Северна Македонија на денешната 13-та седница, која што се одржа преку видео-конференциска врска, донесе Одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на град Скопје заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

На предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и на Министерството за економија, со оваа одлука се продолжува рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија до 30 април 2022 година.

Одлуката, која ќе биде испратена на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија, ќе отпочне да се применува од 17 февруари 2022 година.