Од 221-та владина седница: Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки и други закони; Утврдени се текстови на два нови предлог закони, за средно образование и за стручно образование и обука;

Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за надворешни работи, дискутираше околу предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки и со консензус, едногласно, изрази политичка волја да се поднесе закон до Собранието на Република Северна Македонија, којшто ќе биде усогласен со македонското законодавство. Исто така, ќе бидат иницирани измени и на други закони, на коишто ќе имаат одраз измените на Законот за рестриктивни мерки.

Владата, на денешната седница, утврди текст на нов Предлог на закон за средно образование.

Целта, според предлагачот, Министерството за образование, е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата. Учениците, како што е наведено во Образложението, во процесот на средното образование ќе се стекнат со знаења и вештини, со коишто ќе можат да го продолжат своето натамошно образование, но истовремено ќе ги направи учениците компетитивни на пазарот на трудот и ќе го олесни нивниот пат до вработување или самовработување.

Посебна новина којашто се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит. По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура, или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двогодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура. Концепцијата за испити на крајот на средното образование, ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот. Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

Новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество“. Секој вработен во училиштето, според предвиденото, е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Во средните училишта, учениците слободно се организираат во класни заедници и ученички совет. Учениците имаат право на слободно организирање во ученички совет на локално и регионално ниво, Сојуз на средношколци на национално ниво, или во други облици во согласност со други закони и подзаконски акти. Во работата на училишниот одбор, стручните органи и тела на училиштето и во Советот на родители, учествуваат претставници на учениците избрани од страна на ученичкиот совет.

Владата утврди текст и на нов Предлог на закон за стручно образование и обука.

Законот за стручно образование и обука којшто во моментот се применува е донесен во 2006 година, а реформата на стручното образование и обука, според предлагачот, Министерството за образование, е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресурси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година, којашто како приоритети ги поставува: 1) Усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот; 2) Подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука; 3) Зголемување на опфатот во стручното образование и обука, и 4) Подобрување на капацитетите на човечките ресурси.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука, исто така е определено и со Годишниот план за работа на Министерството за образование и наука.

Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ја разгледа и усвои и Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026 година.

Целта е придонес во унапредувањето на менталното здравје на младите, при што добросостојбата на младите ќе биде активен двигател на општествениот развој.

Стратегијата се води од Агендата 2030 и општите принципи на Целите за одржлив развој на ОН.

Стратегијата посочува на потребата од двонасочен пристап за вклучување на младите во релевантни политики, програми, сектори, на национално и на локално ниво, како и на фокусирана акција за зајакнување на нивното ментално здравје. Исто така, се упатува на развој на систем на соработка помеѓу образовниот, социјалниот и здравствениот сектор, како и промовирање на интеграцијата помеѓу услугите за ментално здравје и другите релевантни сектори, како што се образованието, социјалните услуги и поддршката за вработување.  

При усвојувањето на оваа Стратегија, препорачано е формирање на Национално координативно тело на сите носители на активности и проекти, коешто ќе го следи спроведувањето на Стратегијата.  

Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ја разгледа Информацијата за усвојување Стратегија за човечки капитал на Република Северна Македонија 2024 – 2030 година и ја усвои предложената Стратегија.

Целта на Стратегијата е да помогне во подобрувањето на резултатите од човечкиот капитал во државата. Притоа, во фокус на Стратегијата се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја: образованието, здравството и социјалната заштита, со цел зајакнување и подобрување на човечкиот капитал, за инклузивен развој.

Цели на Стратегијата се и да ги идентификува клучните предизвици, пришто се нуди долгорочен поглед на некои од реформите коишто ќе бидат потребни за да се одговори на постоечките предизвици, како и реформските приоритети коишто ќе го подобрат и поддржат патот кон поголем просперитет.

Во однос на временската рамка, Стратегијата има за цел да обезбеди патоказ за агендата за човечки капитал до 2030 година.