Догодина почнува проектот за бесплатен викенд за пензионери

Македонската Влада континуирано работи на унапредувањето на статусот на пензионерите во изминатите години со покачување на пензиите, спроведување проекти како бесплатната бањско-климатска рекреација, реконструкција на пензионерските домови, бесплатен јавен превоз во Скопје... Од наредната година овие проекти продолжуваат, а ќе почне да се спроведува и нов проект за бесптатен туристички викенд за корисниците на пензија, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, во обраќањето на 8-та седница на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Со новиот проект „Бесплатен туристички викенд за корисниците на пензија“, рече Спасов, ќе се овозможи дополнителна рекреација на пензионерите преку користење бесплатен викенд петок, сабота и недела со обезбеден превоз и полн пансион во  туристичките капацитети во Република Македонија: Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа, Берово. Проектот ќе се реализира во пролетниот и есенскиот период. Оваа услуга, како што најави Спасов, ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија.

Тој потенцира дека грижата за пензионерите може да се види и од фактот што во време кога Европа ја зафати голема економска криза и одделни држави преземаа остри мерки во пензиското осигурување кои се одразиле со намалување на правата или „замрзнување“ на висината на пензијата за неколку години, Македонија континуирано ги зголемувала пензиите.

- Во Македонија имаме редовна исплата на пензии во првата седмица од месецот и нејзино континуирано зголемување. Владата на Република Македонија изврши дополнително зголемување на пензиите. Во таа насока од 2006 година просечната пензија се зголеми за 62 проценти или изразено во пари во 2006 година, просечната пензија изнесуваше 7683,00 денари, а во 2014 година изнесува 12.445,00 денари. Со цел подобрување на социјалната положба на корисниците на пензија во 2014 година, со февруарската исплата на пензиите се изврши  усогласување односно зголемување на пензиите за 5проценти, истакна Спасов.

Додаде дека како Влада остануваат и натаму посветени на одржување на социјална сиигурност на пензионерите и според програмата на Владата и во 2015 година пензиите ќе се зголемат за 5 проценти.

- Со предложеното усогласување од 5 проценти во номинален износ за сите корисници на пензија, секој пензионер рамномерно, пред сè позитивно за оние кои имаат пониски пензии, ќе добие дополнителни околу 600 денари зголемување на пензијата, рече Спасов. 

Како постојана грижа за пензионерите ги напомена и реализирањето на проектот „Бањско климатска рекреација“, од чиј почеток во 2010 досега 27.430 пензионери ја искористиле услугата, реконструкцијата на пензионерските домови, воведувањето беплатен транспорт во јавниот градски сообраќај во Скопје во четири денови, бесплатен железнички викенд превоз, бесплатно болничко лекување за корисници на пензија чијашто пензија изнесува до просечната висина на пензијата, развој на дневни центри...

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери Драги Аргировски истакна дека со Министерството и Владата имаат исклучитлна соработка и изрази задоволство од она што тие го прават за интерсот на пензионерите, особено од зголемувањето на висината на пензиите.

- Задоволни сме од она што е направено. Просечната пензија сега е околу 202 евра, што не е случај со ниту една наша соседна земја, каде просечните пензии се пониски, рече Аргировски.

Ова укажува дека кај пензионерите се создава една атмосфера за достоинствена старост и достоинствено живеење во третото животно доба.