Средба на Јолевски и Котески со командантот на КФОР

АРМ и силите на КФОР имаат воспоставено одлична соработката која во наредниот период ќе продолжи да се развива во интерес на јакнење на безбедноста во регионот е главниот заклучок од денешните одделни средби на министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески со командантот на КФОР генерал-мајор Франческо Паоло Фиљуоло кој престојува во официјална посета на ГШ на АРМ.

Како што информираат од Министерството за одбрана, министерот Јолевски за време на средбата ја истакнал поддршката на Република Македонија за мисијата КФОР на НАТО, како и улогата на Македонија во однос на безбедноста и стабилноста на регионот.

На средбата со генералот Котески, пак, се разговарало за можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР, за безбедносната состојба во регионот, како и размена на информации со АРМ. Генералот Фиљуоло го информираше НГШ на АРМ за безбедносната состојба во зоната на одговорност на КФОР и за активностите и идните планови.

Во рамките на мисијата КФОР, Република Македонија обезбедува постојана логистичка поддршка за НАТО од самиот почеток. Во јуни 2007 година, во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во формацискиот состав на Бригадата за логистичка поддршка на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР. Ваквиот придонес на Република Македонија е значајно валоризиран и поддржан од страна на НАТО.

Меѓународните мировни сили, КФОР под команда на НАТО, Командата на здружените сили во Неапол, Италија, дејствуваат во Косово од јуни 1999 година, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Според Резолуцијата, КФОР со волонтерски трупи од нешто над 4.000 војници се грижат за безбедноста во Косово.