Груевски: Владата продолжува со грижата за децата без родители

Владата ќе продолжи со практиката за вработување деца без родители и родителска грижа. Наскоро ќе излезе нов оглас за вработување на 15 деца без родителска грижа со завршено средно образование и 15 со високо.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по засадувањето дрвце кај салата „Јасне Сандански“ во Скопје во рамки на акцијата „Ден на дрвото“

- Програмата Д10 за вработување деца без родителска грижа ја спроведуваме веќе две години и е институционален начин како да и се помогне на оваа категорија деца. Досега се вработени 83 деца без родителска грижа излезени од домови за деца без родители, а во наредните две до три недели ќе излезе оглас за уште 30, изјави премиерот Груевски.

Тој посочи дека и во минатото им помагале на децата без родителска грижа да се вработат, но, како што рече, на индивидувален начин, за разлика од сега кога е ставено како дел од програмата на Владата и е влезено во законите.

- Лично сум им помогнал на многу такви деца во минатото и како министер за финансии и сега како премиер. Веројатно тоа го правеле и другите министри и директори, но тоа е некако повеќе со индивидуален пристап и зависи од тоа кој моментално е на некоја позиција. Ова што го  направивме од пред две години со промената на законот и внесувањето  во нашите програми е институционален начин, бидејќи независно од тоа што ќе биде во иднина во законот е внесена обврска за секоја влада да вработува најмалку десетина деца годишно кои се излезени од дом за деца без родителска грижа, нагласи премиерот Груевски.