Груевски: Садењето дрвца ќе даде резултати во иднина

Премиерот Никола Груевски денеска засади дрвце пред спортската сала „Јане Сандански“ во скопски Аеродром во рамки на 14. акција „Ден на дрвото - Засади ја својата иднина“.

- Со задоволство учествувам на акцијата која ја започна Владата заедно со здружението „Ден на дрвото“ пред повеќе години и веќе стана трандиционална. Речиси секоја година во рамките на оваа акција се засадуваат по околу пет милиони дрвца, а во некои години и повеќе што е одлично за иднината во смисла на здрава околина и чист воздух, изјави премиерот Груевски по засадувањето дрвце.

Тој нагласи дека се надева оти оваа акција ќе прерасне во навика на младите, децата и на оние кои  допрва доаѓаат.

- После долгодишното спроведување на оваа акција можам слободно да кажам дека прераснува во една традиција во нашата земја која верувам дека и други држави ќе ја пресликаат кај нив, рече Груевски.

Посочи дека во минатото никогаш не се саделе толку многу дрвја годишно.

- Од информациите што ги имам во Македонија пред доаѓањето на оваа Влада се саделе најмногу 600.000 дрвца, а сега најмалку 4,5 до пет милиони. Тоа е огромна разлика и секако ќе даде свој резултат во иднината. Некој можеби ќе каже дека дел од засадените дрвца нема да успеат, но тоа се случувало и во минатото. Сепак сметам дека е добро што се садат толку многу дрвца зашто тие ќе бидат од помош за сите граѓани во иднина, рече Груевски.