Со законски измени ќе се унапредува системот за превенција од насилство

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев     

 

Почитувани,

На седницата пред една недела, Владата на Република Македонија, разгледуваше информација во врска со унапредувањето на системот за превенција од насилство, особено во делот на превенција од насилство кое би можело да се изврши со употреба на службено оружје и тоа од страна на службени лица кои согласно закон во извршувањето на своите работни задачи имаат пристап и ракуваат со службено оружје. За таа цел беше формирана работна група составена од претставници на поголем број на институции која во изминатиот период презема поголем број на активности за утврдување на законската и фактичката состојба, и која соодветно на тоа даде препораки до Владата за понатамошно постапување во креирањето на овој систем.

Владата на вчерашната седница ја разгледуваше оваа информација на работната група и усвои поголем број на заклучоци и задолжувања за определени институции.

Основна препорака на работната група која Владата ја прифати е дека на ниво на закони треба да се предвидат јасни, прецизни и експлицитни начини на постапување во одредени ситуации кои ќе водат кон превенција од насилство кое би можело да се изврши од службени лица со употреба на службено оружје. Значи, не со правилници, подзаконски акти, правила на служба и слично, туку на ниво на закон за да се даде поголемо политичко-општествено значење на идејата за превенција од насилство, но и да се постави еден координиран и воедначен систем на постапување на институциите во процесот на превенција од насилство.

Во рамките на законските решенија кои треба да бидат донесени ќе се уредат поголем број на постапки, начини на постапување и процедури, и тоа во зависност од спецификата на поедини институции, но она што е битно да се истакне е тоа дека Владата даде унифицирани задолженија, кои се образложени подолу, и кои треба да бидат применети од страна на сите институции кои ќе прават измени на нивните материјални закони, и кои во суштина ја претставуваат правната основа на креирање на овој систем за превенција од насилство.

Во поглед на системот за рано предупредување, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика, во рок од 20 дена, да ги изменат соодветните закони, така што да се утврди обврска за овие институции да ги информираат другите институции во кои работат лица кои имаат пристап и ракуваат со оружје при вршење на работни задачи, за евидентиран случај на прекршок или кривично дело со елемент на насилство, и тоа во рок не подолг од 24 часа од добиеното сознание, за да може овие институции да започнат со постапките за превенција од насилство.

Исто така, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за одбрана и Министерството за правда во рок од 20 дена да изготват измени на соодветните материјални закони во кои е уредено носењето и ракувањето со службено огнено оружје, така што да се предвиди можност и обврска за времено одземање на службеното оружје во случај на осомниченост и извршување на кривично дело или прекршок со елементи на насилство од вработено лице распоредено на работни задачи на кои има пристап и ракува со службено огнено оружје.

Овие институции се задолжени да изготват и измени во соодветните закони, така што да се предвиди обврска вработеното лице да се упати на задолжителен психијатриски и психолошки преглед и советување со психолог, односно вонреден лекарски преглед, во случај на осомниченост и извршување на кривично дело или прекршок со елементи на насилство.

Исто така, овие пет министерства се задолжени да изготват измени во соодветните закони така што да се предвиди основ и за дисциплинска одговорност и суспендирање од работа во случај кога службеното лице ќе биде осомничено или пак ќе изврши дело со елементи на насилство, по проверка на сите факти и околности за осомниченоста или пак извршувањето.

Во поглед на ова би сакале да потенцираме дека во рамките на законските решенија ќе бидат предвидени и соодветни постапки и процедури за утврдување на основот на сомнение и на одговорноста на службеното лице кое е осомничено за сторување на прекршок или кривично дело со елемент на насилство, се со цел да се превенираат и појавите на намерно, тенденциозно и неосновано пријавување на некое службено лице за наводно сторување на насилство мотивирано од причини да се наштети на службеното лице. Токму затоа вонредниот лекарски преглед на службеното лице, и брзата и ефективна постапка за констатирање на издржаноста на основот на сомнение ќе бидат соодветно прецизирани.  

И на крајот би истакнале дека Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација во рок од 20 дена да изготват измени на соодветните материјални закони во насока на задолжително прераспоредување на вработено лице  во друга институција, во случај кога надлежните здравствени комисии  на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана утврдат неспособност за работа на лицето во тие институции, а истото не исполнува услови за инвалидска пензија или пак утврдат дека останувањето на работа во тие институции не би влијаело добро на вработеното лице.

Министерство за правда и Министерството за одбрана пак треба во рок од 20 дена да изготват измени во законите, во насока на давање на овластувањето на воената полиција да се вклучи во истрага за припадник на Армијата на Република Македонија, за извршено кривично дело или прекршок со елементи на насилство и надвор од територијата на објектите на АРМ.

На овој начин, со овие задолженија за измени на законските решенија во материјалните закони се цени дека ќе се постигне повисок степен на постапување во однос на превенцијата на насилството. Владата и институциите се отворени за дополнителни предлози и идеи кои ќе го подобрат квалитетот на законските решенија. По изготвувањето на конкретните закони и нивното усвојување институциите ќе информираат за секој нов аспект и детаљ во врска со законските решенија и со понатамошното постапување по тој основ.