Меѓународна конференција на земјите - членки на здравствената мрежа на ЈИЕ

Имплементацијата на стратегијата Здравје 2020 на Светската здравствена организација, овозможување посебна група во рамки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа во случај на определени елементарни непогоди која би имала за задача брзо организирање на сите земји-членки на мрежата за подобра координација и помош меѓу нив, како и поголема мобилност на лекарите во тие земји и нивна едукација.

Ова се трите главни цели за кои се дискутираат учесниците на  меѓународната конференција на земјите - членки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, која почна денеска во Скопје во рамки на македонското претседателството со мрежата. Во присуство на голем број претставници од 10-те земји-членки на здравствената мрежа на ЈИЕ, на отворањето се обратија министерот за здравство Никола Тодоров и регионалната директорка на Светската здравствена организација за Европа, Зузана Јакаб.

Таа на прес-конференција по отворањето на конференцијата му се заблагодари на министерот што го свикал состанокот, што според неа, е одлична можност да разменуваат искуства во тој сектор.

-  Мрежата е многу важна за соработка во секторот здравство во Европа. Мрежата сега добива уше поголемо значење бидејќи има амбиција да стане независен меѓународен ентитет и навистина СЗО со голема посветеност ќе го поддржи нејзиното постоење во следните години. Оваа мрежа постигна голем успех со тоа што го поврза здравството со стратегиите за одржлив развој и со стратегиите за раст во сите земји-членки на мрежата и многу придонесува за развој на сопствени стратегии на сите земји-членки, нагласи Јакаб.

Укажа дека за три аспекти ќе одлучуваат меѓу кои се: како да се поврзе секторот здраство со одржливиот развој, како да се постигне напредок и промовирање на човечките ресурси, нивно унапредување што е многу важно за подобрување на здравствените услуги и подготвување стратегии за развој на здравството и подобрување на подготвеноста на европските земји за да се справат со ситуации кога има појава на преносливи болести. 

- Сите сме свесни за она што се случуваше и се случува со еболата во последните неколку месеци. Денеска е ебола, утре може да биде некоја друга заразна болест и од тие причини сметаме дека треба да се подобри подготвеноста на европските земји за вакви ситуации, истакна Јакаб.

Му се заблагодари на министерот Тодоров за организирањето симулациската вежба попладне на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, за подготвеноста на Македонија за евентуален случај на ебола. 

- Сметам дека сите земји учесници на конференцијата може да научат за да се утврди каде се недостатоците во однос на третирање на вакви ситуации. Мора да продолжиме да ги развиваме основните капацитети во секторот здравство и за развој на здравствени стратегии како што ветивме пред 10 години, додаде Јакаб.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што треба да преземат земјите за заштита од ебола рече дека ризикот за нејзино проширување во Европа е многу мал бидејќи, како што истакна, европските земји имаат многу добро подготвени здравствени системи кои можат да одговорат на вакви ситуации.

- Не сум загрижена за појавата на ебола во Европа. Загрижена сум за нејзиното ширење во Западна Африка, каде треба да се фокусираме да им помогнеме на земјите зафатени од епидемијата таму, да ги фокусираме нашите напори на лекување, обезбедување дополнителен персонал кој може да помогне и за насочување на средствата потребни за лекување на заболените, особено оние кои се собираат во рамки на ОН и СЗО, потенцира Јакаб.

Укажа дека инфективните заболувања не можеме да ги елиминираме и за борба против нив не треба да се занемарат вакцинацијата и антибиотиците, а потребно е и градење капацитети во оваа насока.

Во врска со птичјиот грип во Холандија, истакна дека следат како ќе се развиваат работите, запознаени се дека земјата ги презела соодветните мерки за да се локализира инфекцијата.

- Немаме податоци дека птичјиот грип може да се пренесува од птици на луѓе, но подготвени сме и внимателно ја следиме ситуацијата, додаде Јакаб.

Тодоров рече дека здравствените власти секогаш мора внимателно да следат ваков тип ситуација за да не се случи потоа да се справуваат со последиците.