Обука за јакнење на знаењата од меѓународното хуманитарно право

Јакнење на капацитетите и знаењата на припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана и други институции вклучени директно во хуманитарни и мировни операции е целта на работилница за Меѓународно хуманитарно право и човекови права, која започна денеска во Скопје во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Амбасадата на Италија.

Во рамки на работилницата, денеска беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР и Меѓународниот институт за хуманитарно право од Сан Ремо, Италија.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, отворајќи ја работилницата, подвлече дека потребата од познавање на основните правила на Меѓународното хуманитарно право произлегува од актуелниот геополитички контекст во кој се соочуваме со предизвикот од неконвенционални воени судри, а меморандумот, додаде, ќе овозможи платформа за размена на искуства и продлабочување на знаењата од оваа област.

- Нашите мировници, кои се дел од меѓународни мировни сили, редовно добиваат признанија од НАТО, ОН и ЕУ мисиите. РМ става голем акцент на развој на соработката со Алијансата  и нејзините земји членки во контекст на оперативната и партнерската соработка во рамки на напорите за полноправно членство во НАТО. Наша обврска е промоција и поддршка на Меѓународното хуманитарно право во контекст на превентивните активности. Промоцијата на ова право во мирни услови претставува акт на едукација и процес на подигнување на свеста за значењето за неговата примена, рече Попоски.    

Италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели подвлече дека обуката е дел од соработката на двете земји, а треба да помогне во постигнување на највисоките стандарди во Македонија во однос на почитување на меѓународното хуманитарно право, што е барање во контекст на нејзината евроатлантска интеграција.

Директорот на Меѓународниот институт за хуманитарно право од Сан Ремо, Фаусто Покар рече дека Институтот работи како непрофитна организација за промоција на хуманитарното право, а следната година ќе одбележи 45 годишен јубилеј. Познат е како врвен центар за обуки на специфични прашања од областа на хуманитарното право, како правото за бегалци, за миграција и човекови права. 

На работилницата за Меѓународно хуманитарно право и човекови права, која ќе трае до 21 ноември, предавања ќе одржат експерти од оваа област од Италијанскиот институт и од Македонија.