Работна средба за инклузија на Ромите и Ромите бегалци

Имплементацијата на активностите на Декадата на Ромите останува високо на агендата на Владата и исто така, и покрај финансиските предизвици, не се скратуваат буџетските средства туку напротив се преземаат напори за нивно зголемување, истакна денеска вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими на четвртата работна средба за инклузија на Роми и Роми бегалци.

Бесими, кој зборуваше за досегашните и идните активности предвидени во Акцискиот план, додаде дека дополнително средства за реализација на овие програми и активности дополнително можат да се обезбедат и преку ИПА фондовите.  

Европските  искуства во делот на вклучување и интеграција на Ромите, како што рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, се патоказ за Република Македонија. 

- МТСП во рамките на надлежностите и координативната улога што ја има и понатаму ќе продолжи со примена на проектите кои се препознатливи и даваат резултати за ромската заедница. Притоа прашањето за пазарот на трудот е од клучни значења за Ромите во нашата земја, но и предизвик на кој сме сериозно посветени, рече Спасов.

Тоа, како што додаде, е комплексен проблем кој бара постојано следење и надградување на постојните решенија со цел изнаоѓање на соодветните решенија кои што ние ги нудиме преку активните мерки и политики за вработување.

Врвен приоритет е и вклучување на децата Роми во предучилишното образование. - Тука преземавме одлучни чекори и последните бројки говорат дека над 2.500 деца се вклучени во предучилишното образование, информира министерот Спасов.

МТСП е фокусирано и на акцијата за идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување лични документи. - Од нив во моментов за 120 лица е извршен уписот во матичната книга на родените, а на останатите интензивно се работи. Секоја година МТСП издвојува и финансиски средства за правење на ДНК анализи и досега се направени 92 ДНК анализи, рече Спасов.

Потсети дека за поголема информираност на припадниците од ромската заедница функционираат 12 Ромски информативни центри и регионални мобилни бесплатни правни канцеларии.

Евроамбасадорот Аиво Орав потсети на содржината на Извештајот за напредокот на земјата и препораките во него, вклучувајќи го и делот посветен на ромската популација.

- Еден од заклучоците во Извештајот за напредокот е дека ромската заедница продолжува да живее во голема сиромаштија и со социјални и економски проблеми. Предрасудите и дискриминацијата на Ромите се уште е присутна особено во делот на вработувањето. Точно е дека се прават напори, но останува да се работи на невработеноста, личните документи, домувањето и образованието на ромските децата, изјави Орав.

ЕУ, потсети тој, обезбеди повеќе од 5,5 милиони евра за периодот од 2007 до 2013 година за проекти за инклузија на Ромите, а дополнително средства може да се земат и преку ИПА фондовите.   

Неждет Мустафа, министер без ресор и Национален координатор за декадата на Ромите 2005-2015 и за спорведување на Стратегијата, истакна дека Македонија напредува во имплементација на акциските планови креирани од министерствата, НВО и телата на декадата.

- Од сите приоритни области од декадата за инклузија на Ромите, најевидентен напредок е забележан во образованието. За тоа говори и зголемувањето на бројот на студенти Роми и бројот на Роми кои се запишуваат на посдипломски студии, рече тој. 

Потсети дека се реализирани проекти од комуналната инфраструктура и за домување на социјално ранливи групи. Во делот на здравството е реализиран проектот „Ромски здравствени едукатори“ во 11 градови во Македонија и други.

- Сите овие проекти говорат за посветеноста на Владата за подобрување на стандардот на Ромите и состојбата во општеството, додаде Мустафа.