Можностите за инвестирање презентирани пред швајцарските бизнисмени

Владина делегација предводена од вицепремиерот Владимир Пешевски од денес престојува во посета на Швајцарската Конфедерација каде ќе ги презентира поволните услови за инвестирање и водење бизнис во Македонија.

Делегацијата денеска имаше директни средби со раководствата на компании од прехранбениот сектор и од областа за производство на опрема и системи за греење, ладење и вентилација, како и фирми за производство на машински делови и алати. 

Од Кабинетот на вицепремиерот информираат дека на почетокот на следната година посета на Македонија најавиле сопствениците на компаниите „Оспелт“ и „Хилти“. 

Во организација на почесниот конзул на Македонија во Принципатот Лихтенштајн, Норберт Зегер, Стопанската комора на Лихтенштајн, македонската Амбасада во Швајцарската Конфедерација, како и  канцеларијата на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во Берн вечерва во Цирих ќе се одржи настан на кој е најавено присуство на претставници од бизнис заедницата на Лихтенштајн.

Покрај вицепремиерот Пешевски, во составот на македонска делегација се и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Висар Фида, почесниот конзул на Република Македонија во Принципатот Лихтенштајн, Норберт Зегер, како и економскиот промотор во Швајцарија, Арлинд Зекири.