Промовирана книга за културната дипломатија

Културната дипломатија, која е дефинирана како мека, софистицирана моќ во меѓународните односи, е малку позната област во Македонија и во регионот во однос на земји од Европа и светот во кои културната е претходница на политичката и на економската дипломатија. 

Тоа го поттикнало Васко Шутаров да ја истражува и да спореди како и колку највлијателните земји ја употребуваат културата за своето претставување во светот. Од 2006 година споредбено анализирал културни политики во надворешните односи на 30-ина земји и од тоа произлезе неговата студија „Јавна и културна дипломатија" која денеска ја промовираше издавачот „Матица македонска“.

Покрај истражувањата во библиотеки, архиви и дневен печат, неговиот труд е резултат и од искуството на поранешен претседател на Комисијата за култура во Собранието на РМ и актуелен директор на Културно-информативниот центар на РМ во Софија.

На промоцијата авторот истакна дека не постои позната личност во меѓународната политика која не го признава значењето на културната дипломатија и во својот труд тој цитира многумина од нив. Рече дека надвор од рамките на традиционалната, базична дипломатија, културната значи обраќање и создавање перцепција за себе пред странската јавност.

- Задачата на културната дипломатија е да креира најповолна можна слика за својата земја и таа перцепција да се одомаќини, да создаде емоција и да ги зближува народите, што е и основна мисија на културата. Има земји со исклучителна културна практика на која можеме да се огледаме. Имаме потенцијал и сила и моето вјерују е дека светот е и понатаму поле за културен натпревар меѓу народите и дека тоа поле за нас е и широк мегдан, на кој можеме да покажеме кои се сите наши компаративни предности. Културата е алатка со која можеме да му покажеме на светот кои сме, што сме и колку можеме, рече Шутаров.

Претставувајќи ја книгата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека се работи за досега недоволно елаборирана и истражувана тема кај нас, а научна дисциплина на врвни светски универзитети, и затоа, рече таа, книгата ќе придонесе за развој на политичката наука во Македонија, посебно во сферата на дипломатијата, јавните политики, културната политика и политичката комуникација. Впечаток во читањето на трудот и оставил методолошкиот пристап на авторот – истражувањето на културните дипломатии на повеќе држави (вклучувајќи ја и Македонија) и нивните специфики, примерите за модели на културни дипломатии...

- Ова исклучително значајно дело наменето, пред се, за дипломатите, но и за стручната и научната јавност, аналитичарите, културните работници и медиумите, ќе отвори уште многу нови теми надвор од контурите на традиционалната дипломатија, ќе отвори нови перспективи и предизвици на современите дипломатски појави низ призмата на меѓународната културна размена, истакна Канческа-Милевска.

Зборувајќи за значењето на културната дипломатија како дополнување на официјалната, државна дипломатија, Дејан Павлевски од издавачката куќа „Матица македонска“ рече дека културната дипломатија е двонасочна улица и функционална на долги патеки. Тој го спомна и концептот на брендирање и Словенија, која е посочена и во книгата на Шутаров, како пример за мала земја што тоа успешно го практикува.

- Тоа треба да биде пример и за други држави - дека културата треба да биде фактор, а не само функција во надворешно-политичките активности на една земја. Најголеми брендови на Словенија во светот се нејзините големи имиња од културата... Авторот Шутаров практично ја обработува дефиницијата дека приказната за нас треба да биде раскажана од самите нас, рече Павлевски, кој смета дека треба да се создаде посебна агенција за културна промоција на Македонија, каде би се креирала културната дипломатија.