Потпишан протокол за дипломатска обука меѓу Македонија и Израел

 Министерот за надворешни работи Никола Попоски и амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија со седиште во Ерусалим, Дан Орјан, денеска во Скопје потпишаа протокол за дипломатска обука на министерствата за надворешни работи на двете земји.

Со Протоколот се воспоставуваат услови за јакнење на односите и редовна соработка на Македонија со Израел во областа на обуката и надградбата на квалификациите на дипломатите, преку размена на искуства и познавања од сите сфери на надворешната политика, применувајќи модерни методи и техники за нивни обуки, соопшти Министерството за надворешни работи.

Двајцата соговорници, како што информира МНР, констатирале дека односите меѓу двете пријателски земји бележат нагорен тренд.

Израелскиот дипломат укажал дека Република Македонија за Државата Израел претставува важен и близок партнер во Југоисточна Европа. Министерот Попоски упатил покана до својот колега, шефот на дипломатијата на Израел, Авигдор Либерман, да реализира возвратна официјална посета на нашата земја.