Владата непоколеблива за екологијата, затворена челичарница „Макстил“, преполовено производството во „Југохром“

„Макстил“ донесе сопствена одлука да направи прекин во производството во погонот челичарница, кој беше со најголема емисија на гасови, а во „Југохром“ од Јегуновце, ќе се намали производството за нешто повеќе од 50 проценти, информираа на денешната заедничка прес-конференција вицепремиерот задолжен за економски п рашања Владимир Пешевски и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.

Владата опстојува на воведувањето еколошки ред, нагласи Пешевски, додавајќи оти стратешката одлука во двата случаи е базирана на оптимален баланс на еколошки, социјални и економски аргументи, но акцентот е на еколошките аспекти.

- Не покажавме колебливост и не потклекнавме, опстојуваме на екологија. Владата ќе продолжи инсистира на исполнвуање на еколошките стандарди и она што како стратегија го имавме зацртано во изминатиот период со еден цврст  и одлучен став и инсистирање на почитување на законите, но и воедење смета за интересите на граѓаните и економските интереси на државата дека успеавме да го постигнеме тој баланс. Ова е прва Влада која ревносно се бори и успева да овозможи исполнување на еко-стандардите. Сто компании ги исполнија условите, истакна Пешевски.

„Југохром“, појасни тој, со оваа условна одлука продолжува да ги исполнува стандардите и тоа врз основа на прецизен временски план со силни контроли, а со самото намалување на производството за 50 отсто, значи ги намалува емисиите на штетни материи за 60-70 проценти. Пешевски информира дека е даден временски рок од две години во кој компанијата ќе треба целосно да ги исполни стандардите. Според него, „Југохром“ од вкупно 29 активности предвидени во оперативниот план за усогласување за добивање интегрирана дозвола, исполнети се од оваа компанија 21 активност. После речиси 60 години од функционирањето на Југохром, прецизираше пешевски, првпат се преземаат конкретни мерки и чекори благодарение на оваа Влада.

- Владата водеше сметка и за социјалниот момент за работниците, го преполовува производството, но нема право да го намали бројот на работници и под 1.100 од моменталните 1.250. Ако овие 150 привремени ги одмори тоа може да го направи најмногу шест месеци и после ги враќа на работа. Ако го затворевме никогаш немаше да ги исполнат стандардите, работниците ќе останеа на улица, а регионот економски мртов. 1.250 семејства живеат директно од „Југохром“ и уште 4.000 семејства индиректно како кооперанти. На овој начин и работниците работат и е намалено загадувањето, истакна вицепремиерот Пешевски изразувајќи благодарност и до медиумите и НВО што и помагаат на Владата да биде решителна во исполнувањето на еко стандардите. 

Според Министерот Изаири постигнати се позитивни резултати.

- Земени се предвид нашите укажувања од еколошки аспект во однос на Југохром, но и социјалните и економските аспекти. Од еколошка гледна точка имаме веќе голем чекор напред, изјави меѓу другото Изаири.