Доделени првите решенија за еднократен отпис на долгови

Првите 200 решенија за отпис на долгови на граѓаните од ранливи категории се доделуваат денеска во повеќе градови во Македонија. Првите решенија за отпис на долгови на граѓаните од ранливи категории од Велес денеска во Центарот за социјални работи – Велес им ги врачија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. 

- Ова е еден значаен проект, едно ветување што им го дадовме на граѓаните пред изборите за отпис на долговите од денес станува реалност. Тоа покажува дека за Владата дадениот збор претставува обврска. И тогаш кога многу не веруваа, и тогаш кога некои политичари не напаѓаа дека ова само заради изборите го ветуваме, тоа се покажа кој е во право. Граѓаните кои спаѓаат во најранливите категории, најсиромашните граѓани, примателите на социјална помош, невработените денес имаа можност да ги добијат првите решенија за отпис на долговите, изјави Ставрески.

Тој посочи дека станува збор за граѓани од многу градови во Македонија, денеска се доделуваат првите 200 решенија, а процесот ќе продолжи понатаму. Вклучени се одлуки за отпис на долгови, појасни Ставрески, во сите делови на Република Македонија, од Велес, Струмица, Радовиш, Кочани, Валандово, Македонски Брод, Охрид, Битола, Гостивар...

- Благодарен сум на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за финансии како носители на активноста што експедитивно работеа. Така како што им ветивме на граѓаните во период од  4-5 месеци ги изработивме сите одлуки што досега можеше да се завршат и така ќе продолжиме и во текот на ноември. Очекувам во текот на ноември да го заокружиме процесот и до крајот на ноември сите граѓани што ги исполнуваат законските услови, а тоа се најсиромашните категории на граѓани да добијат одлуки за отпис на долгот, додаде Ставрески.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов изрази задоволство од почетокот на последната фаза од проектот за еднократен отпис на долговите.

- Oд вкупно 42.000 барања кои беа пристигнати денеска во повеќе градови во земјава се поделени првите околу 200 одлуки за еднократен отпис на долговите. Во фаза на работа се земени 31.350 барања, што е повеќе од две третини од вкупниот број на поднесени барања кои се доставени до институциите за обработка, а половина од тој број се вратени од институциите и се пратени во следната фаза до доверителите, потенцира Спасов.

Тој воедно појасни дека процесот продолжува и во текот на ноември, а Комисијата за еднократен отпис на долговите интензивно работи во соработка со Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика кои нудат логистичка подршка за Комисијата. Посочи дека очекуваат до крајот на ноември да се заокружи целокупниот процес.

Директорката на Центарот за социјални работи-Велес, Азиза Џини Кицара изрази задоволство што денеска двајцата министри во Велес ги врачуваат првите решенија за еднократен отпис на долговите. Таа појасни дека во Центарот за социјални работи во Велес биле примени 1.206 барања, а од кои позитивно се решени 53.

- Најголем дел од поднесените барања за отпис на долгови на граѓаните биле за струја и радиодифузна такса, информира Кицара.

Поднесувањето на барања за отпис на долговите почна на 18 август, а крајниот рок беше 13 октомври. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. 

Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени подолго од 12 месеци и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејство кои не можеле да ги исплаќаат обврските.