Попоски: Вишеградската група се грижи за кредибилноста на евроинтеграциите

Министерскиот состанок на Вишеградската четворка и Западен Балкан, во Братислава, претставува еден од подобрите начини на соработка на кој се разгледува процесот на евроинтеграции на земјите од регионот.

Ова, како што соопшти МНР, го изјави  министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој учествуваше на состанокот во формат Вишеградска група - Западен Балкан на покана на вицепремиерот и министер за надворешни работи на Словачката Република, Мирослав Лајчак.

- Охрабрувачки е навистина што денес во Братислава имаме една сериозна група на земји и политичари кои се грижат за кредибилноста на ЕУ интеграцијата. Тоа е мотив повеќе за нас. Нивната порака по изјавата на Јункер е: ”Да работиме за влез во ЕУ по пет години и еден ден”, посочи Попоски.

Тој смета дека е неопходно во иднина фокусот да е на подобрување на инфраструктурната поврзаност и бизнис климата на Балканот.

Во контекст на интеграциите во ЕУ, министерот Попоски заклучи дека во Европскиот Совет има можност меѓу два пристапа. - Проверениот, кој единствено досега функционирал: а тоа е водење преговори за членство и паралелно решавање на билатерално наметнат проблем. Овој пристап бил успешен во претходни проширувања. Алтернативата е експеримент: да се седи во Советот и чека да видиме што ќе се случи, вели Попоски.

Специјални гости на состанокот во Братислава беа министерот за надворешни работи на Италијанската Република и иден висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Себастиан Курц.