Груевски: Ребалансот е за доизградба на автопатот кон Гевгелија

Зголемувањето на средствата во Буџетот со мини ребалансот не е заради пораст на платите, пензиите или социјалната помош, туку заради забрзување на градбата на автопатот кон Гевгелија, појасни денеска премиерот Никола Груевски. 

- Зголемувањето на платите, пензиите и социјалната помош беше проектирано во Буџетот, а малото зголемување на буџетскиот дефицит се однесува на зголемување на средствата кои се додаваат за градба на автопатот кон Гевгелија. Градбата се одвива добро и според предвидената динамика, па дури и побрзо, а за да нема никаков застој се додаваат средства, изјави Груевски, одговарајќи на прашање по пуштањето во употреба на повеќенаменското игралиште во населбата Триангла.

Тој посочи  дека проектот за доизградба на автопатот кон Гевгелија вреди над 200 милиони евра од кои само околу 40 милиони евра се покриени со европски грант.