Отворен нов Ургентен центар во Градската болница „8 Септември“

Нов Ургентен центар е отворен денеска во Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје. Целокупната опрема во Ургентниот центар, која ја обезбеди Министерството за здравство, е во вредност од над 800 илјади евра. Со својот капацитет Ургентниот центар ќе овозможи навремена здравствена заштита за жителите на градот Скопје и околните населени места. Претходно за вакви случаи функционираше само дежурната служба.

Ургентниот центар е со површина од речиси 900 метри квадратни кои опфаќаат три приемни амбуланти, машинска сала, електро соба, како и четири болнички соби за дневна болница, ладна соба со девет кревети, гипс сала и шест простории за персоналот. Во Ургентниот центар направени се две нови операциски сали (ортопедско трауматолошка и општо хируршка сала), како и сала за реанимација со средства во износ од 480 илјади долари, донирани од Амбасадата на САД. Има комплетно нов систем за климатизација и вентилација.

Ургентниот центар официјално почнува со работа од 23 јули, а во меѓувреме паралелно ќе функционира и дежурната служба. 

Министерот за здравство Никола Тодоров во обраќањето пред присутните рече дека Ургентниот центар е приспособен во целост да одговори на потребите на пациентите со цел подобрување на нивната здравствена состојба. Посочи дека за Ургентниот центар е обезбедена опрема со средства од Министерството за здравство, а дел и со сопствени средства на таа јавна здравствена установа. 

Опремата која е наменета за операционите сали во рамки на Ургентниот центар, нагласи министерот, опфаќа три машини за анестезија со мониторинг, во вредност од 340 илјади евра, шест анестезиолошки сетови, пет ларингоскопски сетови во вредност од 47 илјади евра, кои во наредниве денови ќе бидат испорачани и ставени во функција.

- Покрај тоа, обезбеден е и ХД ендоскопски столб со софтвер за детекција на степенот на оштетување на рскавицата и артроскопски инструменти за ортопедска хирургија, во вкупна вредност од 220 илјади евра (кои дополнително ќе бидат испорачани), како и повеќе машини за миење инструменти, и сервант за аудиолошката амбуланта, кој е во вредност од 100 илјади евра, односно целокупната опрема која ја обезбедуваме за Ургентниот центар чини преку 800 илјади евра, рече Тодоров.
          
Министерството за здравство во изминатиот период од неколку години, појасни, континуирано инвестираше во подобрување на инфраструктурата на ГОБ „8 Септември“, во зајакнување на целокупните капацитети на оваа установа, а со тоа и унапредување на квалитетот на здравствените услуги. Нагласи дека извршена е целосна реконструкција во вкупна вредност од над 1 милион евра (62,2 милиони денари), која опфатила реновирање на стационарот, замена на старите лифтови, како и комплетно реновирање на сите одделенија.

- Континуирано работиме на зајакнување на човечките ресурси во ЈЗУ. Со објавените огласи за преминување на доктори-специјалисти од приватните во јавните здравствени установи, ГОБ „8 Септември“ е кадровски зајакната со повеќе од 20 специјалисти од областа на радиологија, интерна медицина, оториноларингологија, психијатрија и други. Со последниот оглас објавен минатиот месец, во оваа установа од приватното здравство ќе преминат пет нови специјалисти, и тоа тројца специјалисти од областа на интерна медицина, еден од областа на физикална и рехабилитациона медицина, и еден специјалист невролог, рече Тодоров.

Во рамки на континуираното вложување во нова медицинска опрема за оваа ЈЗУ, до крајот на годинава, нагласи министерот, ќе биде обезбеден и нов ангиограф, со кој значително ќе се унапреди интервентната кардиологија во рамки на установата.

- На ваков начин, со зајакнување на инфраструктурните капацитети, како што е отворањето на овој нов Ургентен центар, како и со зајакнување на човечките ресурси и опремата во јавните здравствени установи, овозможуваме унапредување на квалитетот на здравствените услуги, и што е најважно, зголемување на задоволството на пациентите, додаде Тодоров.   

Американскиот амбасадор Пол Волерс истакна дека двете најмодерни операцики сали на приземјето на болницата, како и проширените простории за прием и поддршка ќе го подигнат квалитетот на здравствената заштита за сите граѓани на Македонија, а ќе го подобри и капацитетот и вештините на лекарите и хирурзите во оваа болница.

Посочи дека САД сакаат да продолжат со партнерството во посветување внимание на македонските предизвици посебно во областите на здравството и образованието.

- Планираме во блиска иднина да помагаме во реновирањето на други болници и клиники, а во областа на образованието ќе продолжиме да помагаме во реновирање на училишта низ цела Македонија и да донираме опрема за нив преку програми како таа на УСАИД „Меѓуетничката интеграција во образованието“ која ќе опфати околу пет милиони долари. Овие и многу други проекти кои доаѓаат од Американската амбасада ја демонстрираат нашата посветеност на пријателството со македонските граѓани, додаде Волерс. 

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Сашо Стојчев истакна дека градежните работи, како и сите инсталации се изведени според најсовремени европски норми и стандарди во однос на енергетска ефикасност.

- Во операциските сали, особено во ортопедско трауматолошката сала континуирано ќе се врши обука на македонските хируршки тимови за потребите на мировните мисии во НАТО, додаде Стојчев.