Груевски: Одамна е јасно дека Грција го оспорува нашиот идентитет

Премиерот Никола Груевски не е изненаден од вчерашната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел во Дубровник во која рече дека „нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за сите“ и смета дека спомнувањето на зборот „идентитет“ не би требало да биде нешто ново за познавачите на проблемот.

- И мене и на оние коишто добро го следат овој спор одамна ни е јасно дека другата страна уште од самите почетоци практично го оспорува нашиот идентитет. Тоа беше докажано и со последната изјава на премиерот на нашиот јужен сосед и затоа не би требало  да е нешто ново за нас, изјави премиерот Груевски во одговр на прашање по пуштањето во употреба на новиот 440/110 киловолтен автотрансформатор во трансформаторската станица Скопје 5 и реконструираниот 110 киловолтен далекувод Скопје - Куманово.

Тој потенцира дека на многу наврати и досега кажал дека ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во какви било иницијативи и идеи во кои ќе се оспори или доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик и нација.