Нуланд: САД силно ja поддржуваат Македонија во евроатланските процеси

 

САД силно ќе продолжат да го поддржуваат процесот во ОН за решавање на проблемот со името со цел Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и Европската унија. Ова го истакна американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд во изјава по средбата со премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на прашање дали проширувањето се уште останува приоритет за НАТО, Нуланд рече секако, нагласувајќи дека тоа особено се однесува за Македонија.

- САД силно ја поддржуваат Македонија и бев многу задоволна денеска да чујам за реформите кои ги презема и планира Владата. Премиерот ми потврди дека вашите обврски во Авганистан ќе продолжат заедно со нас, а тоа е силен сигнал дека Македонија е извозник на безбедност, посочи Нуланд, честитајќи му на премиерот Груевски за новиот мандат.

Во врска со актуелната политичка ситуација во земјава, рече дека САД ја поддржуваат визијата за интегрирана Македонија во која македонската и албанската заедница ќе живеат заедно во мир и просперитет.

- За тоа е неопходна тешка работа и разбирање од двете страни. Премиерот ми ги кажа некои од неговите планови во таа насока и ние сме охрабрени од напорите на двете заедници да работат заедно и да создадат нови стандарди за регионот за мир, сигурност, хармонија, интеретничка соработка и единство, додаде Нуланд.

Премиерот Груевски рече дека заеднички констатирале оти односите меѓу двете држави се одлични и се карактеризираат со отворен и континуиран дијалог и соработка, засновани на принципите од Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 година.

- Повторно го реафирмирав нашиот цврст став во однос на неопходноста за што е можно поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО, како и потребата за итно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ за што САД дава континуирана и недвосмислена поддршка. Нагласив дека очекуваме продолжување на силната американска поддршка во насока на добивање на одамна заслуженото членство во НАТО, потенцира Груевски.

Тој истакна дека реформите кои Македонија ги спроведе во сите општествени и институционални сфери, како и учеството на припадниците на АРМ во рамките на повеќе мировни мисии ни даваат потполно право да инсистираме на итно надминување на сите пречки на нашето зачленување.

- Со оглед на фактот дека процесот на реформите е процес кој бара континуитет и постојана посветеност ја изразуваме нашата недвосмислена определба за продолжување на реформите во сите области каде е тоа потребно, рече Груевски и додаде дека посветено ќе се работи и на интегрирано општество и зајакната меѓуетничка кохезија и ќе се продолжи внимателно и посветено да се гради соживотот и да се зајакнуваат мостовите меѓу зедниците.

Премиерот нагласи дека го повторил и уверувањето оти Македонија и Грција имаат обврска целосно и конструктивно да ги продолжат преговорите за надминување со проблемот за името под покровителство на генералниот секретар на ОН.

- Потребно е двете земји да пристапат кон ефикасно решавање на спорот со добра волја и со желба за успех во склад со демократските принципи и меѓународното право, а во контекст со пресудата на Меѓународниот суд за правда од 2011 година, нагласи Груевски.

Тој посочи дека на Нуланд и го пренел очекувањето дека САД ќе продолжат со уште поголем елан да даваат придонес и нови импулси за изнаоѓање на, како што рече, принципиелно и прифатливо решение за овој наметнат и ирационален спор.

Груевски и Нуланд заедно констатирале дека економската соработка меѓу Македонија и САД може се уште да се зајакнува и оти роуд шоута организирани во неколку наврати во текот на изминатите години несомнено дале дополнителен импулс во таа насока.

- Република Македонија во САД гледа земја пријател и партнер и ние ќе продолжиме со работа на развивање и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес, истакна Груевски.