Груевски: Насилните протести се агенда на верски радикали и не се во интерес на Албанците

Зад насилното однесување на протестите за пресудите во случајот „Монструм“ стојат луѓе задоени со верски радикализам, рече во вечерашното интервју за втората програма на МТВ премиерот Никола Груевски.

- Во делот на насилното однесување нашите информации говорат дека зад нив стојат луѓе коишто имаат други агенди, луѓе кои што се задоени со верски радикализам и треба да се внимава на тоа. Не беше случајно што видовме знамиња на некои подалечни држави, извикувања на некои пароли кои директно асоцираат на тоа, истакна Груевски.

Треба да се внимава, предупреди тој, затоа што некои луѓе го користат етничкиот  предзнак на Албанците со цел да остварат некои други свои цели кои што не се цели за да им се помогне на Албанците, туку се цели поврзани со туѓи интереси кои не се интереси на Албанците во Македонија.

- И морам да кажам мошне вешто го прават тоа. Успеја да убедат една поголема група граѓани Албанци коишто им се придружија во протестите, веројатно не со сомнеж кај поголемиот дел од Албанците во Македонија во смисла на овој судски процес, сомнеж дека тоа е политичка одлука, сомнеж дека зад тоа стои ВМРО-ДПМНЕ, сомнеж дека зад тоа стојат дури јас како Никола Груевски. Знаете што. Да направиш чекор со којшто некого ќе го осудиш цел живот да лежи во затвор, а да е невин или да нема докази за тоа. Тоа е голем грев. Тоа не смее да му се случи никому и  јас не би си го дозволил никогаш мене да ми се случи, независно дали се работи за Албанци, Македонци, за Турци, за било кои други народи, луѓе, религии итн, рече Груевски.

Во интервјуто тој рече дека се чуствува заслужен за многу работи со кои е придонесено за подобар живот на Албанците во Македонија.

- Јас се чуствувам за заслужен заедно со моите колеги во Владата, со коалицискиот партнер, но на чело со мене и под силна моја енергија и упорност за изградба на многу патишта, за отворање многу нови работни места и донесени инвеститори, за давање многу субвенции на земјдоелците се разбира и на земјоделците Албанци. Тоа се патишта низ коишто  Македонците, Албанците и Турците и Ромите и Власите и Бошњаците и Србите и сите останати минуваат. Се чувствувам заслужен за многу работи во здравството, за многу изградени и реновирани болници, за многу донесени опрема и апарати за болните каде што не се прави разлика дали е Албанец или Македонец. Се чуствувам заслужен за многу реформи во образованието што го подобрија квалитетот на образованеито, изјави Груевски.

Се чувствувам заслужен, продолжи тој, за многу работи коишто ги правев целиот овој период што е зад нас да помогнам на сите граѓани во Македонија независно дали се Македонци или се Албанци или се Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или кои било други или се христијани или муслимани.

- За мене сите се исти. Сите сме граѓани на Македонија. Сме живееле низ векови заедно, сме поминувале низ потешки периоди и низ полесни и поубави периоди и низ лошо и добро. И ќе останеме да живееме заедно. Тоа е нашата судбина. Тоа е нашата иднина, посочи Груевски.