Груевски: Судската постапка треба да се одвива согласно Уставот и законите

Одлуката мора да е законска, да е уставна и да се базира на цврсти докази. И јас верувам дека првостепениот суд донел таква одлука, меѓутоа треба да се почека и второстепениот суд да го каже тоа. Веројатно потоа ќе има жалба и пред Врховниот суд така што има се уште инстанци коишто ќе го разгледуваат случајот.

Ова го изјави премиерот Никола Груевски во вечерашното интервју за настаните поврзани со случајот „Монструм“ за втората програма на МТВ.

- Ние мораме да веруваме во судскиот систем затоа што судскиот систем и Судот е тој и само тој којшто може да одлучува по ова барање. По ова барање неможе да одлучува Влада, не може да одлучува политичка партија, не може да одлучува политичар, не може да одлучува медиум, не може да одлучува странска фондација која поддржува одредени медиуми во Македонија. По ова прашање исклучиво може да одлучува Судот и од тој контекс сакам да додадам дека секое насилно обединување да се изврши притисок на Судот ќе влијае негативно во целиот процес, рече Груевски.

Потсети дека во судската постапка беа инволвирани претставници на ОБСЕ и на други меѓународни институции или држави коишто посакаа да имаат свои претставници да го следат судењето така што судењето имаше меѓународни набљудувачи.

- Адвокатите на обвинетите и самите обвинети имаат право на жалба и  Вторстепениот суд, Апелациониот суд таа жалба ќе ја разгледа. Јас верувам дека Судот ќе доенсе непристрасна одлука, дека таа одлука ќе биде поткрепена исклучиво на докази и дека нема да подпадне под ничие влијание, рече премиерот.

Во првите денови по објавувањето на пресудата, Груевски рече дека слушал различни коментари од луѓе кои сакаа, како што посочи, да долеат дополнително масло на огнот.

- Коментари од типот дека тоа е политичка одлука, дека тоа е партиска одлука и кога велат дека е политичка и партиска веројатно мислат дека тоа е нешто од владејачките партии односно од ВМРО-ДПМНЕ. И ние веднаш реагиравме затоа што  ВМРО-ДПМНЕ никогаш не би си дозволила да влијае на суд, а уште помалку пак да влијае во судска постапка во која некој без докази или со неубедливи докази треба да биде осуден на доживотен затвор. Тоа ние никогаш не би си го дозволиле и јас верувам дека Судот нема да дозволи кој било, од која било страна да влијае на него, истакна премиерот.

Потенцираше дека секој судија треба да има совест, да држи до својот интегритет и да донесе правична одлука со кја ќе има мирна совест и со која ќе има силна поткрепа во Уставот и во законите.