Груевски: Дипломатите со внимание ги следат настаните поврзани со „Монструм“

Претседателот на Владата Никола Груевски изјави дека дипломатските претставници во Македонија покажале големо интересирање за настаните поврзани со случајот „Монструм“, вклучително и за протестите. Притоа, во интервјуто за втората програма на МТВ, тој рече дека тоа за него било очекувано.

- Сосема очекувано дипломатите во Македoнија покажаа голем интерес за целата ситуација и со внимание ја следат. Јас се сретнав со дипломатите на највлијателните држави во светот. Нивното убедување е прво дека полицијата интервенираше соодветено и професионално и дека немаше пречекорувања на овластувањата на полицијата. Второ, она што ми го рекоа дека полицијата беше нападната во неколку случаи од страна на насилни демонстранти односно дел од демонстрантите кои упторебија насилство, изјави Груевски.

Дали е доволно, продолжи тој, да ви кажам дека еден камион бекатон се однесе од пред судот во петокот по завршувањето на протестите.

- Значи некој претходно донел еден камион ги распределил на сите демонстранти за да фрлаат врз полицајците заради што многу полицајци беа повредени. Некој од нив е  опериран, некој од нив ќе има и подолго време последици. Знате ли што значи на секој, на пример илјада демонстранти да му дадете по едно парче бекатон. Тоа се илјада парчиња бекатон. Или по две на пример, изјави Груевски.

Уште еднаш, потенцираше премиерот, сакам да потврдам дека се работи за друга агенда, дека се злоупотребува чувството на Албанците кои во овој момент ги немаат сите информации заради природата на случајот. - Исто така граѓаните во голема мера се информирани од изјавите на адвокатите. Затоа што адвокатите во принцип секогаш ги бранат своите клиенти. Вие сте сретнале ли некогаш адвокат којшто ќе излезе  и ќе го обвини неговиот клиент? Тоа е нормално. Секогаш секаде во светот секој адвокат го брани клиентот. Тоа го правеа и адвокатите на шестмината коишто се во прв степен осудени, рече Груевски.
Прашан дали по изјавата за протестите на албанскиот премиер Еди Рама, ќе има последица по односите меѓу двете земји, Груевски рече дека верува оти тој бил дезинформиран.

- Јас господинот  Еди Рама го запознав при неговата посета на Македонија, а потоа имав уште една до две прилики да се сретнам на други настани на коишто заеднички учествуваме и имам доста позитвно мислење за него. Тој е кратко на оваа функција и јас верувма дека тој е дезинформиран кога кажа дека причината за протестите во Макеоднија е неспроведувањето и недоволното спроведување на Охридскиот рамковен договор, рече македонскиот премиер.

Охридскиот рамковен договор, додаде Груевски, е во врвот на нашите прироитети и ние заедно со нашите коалициски партнери континуирано работиме на негово спроведување без застој и без застанување.

- Да, имаме и по некои несогласувања, но нив ги решаваме низ дијалог. Ние и како партија и како Владата, а колку што знам и самата опозиција и опозициските партнери сите си имаме декларирано дека Рамковниот договор ќе се спроведува и тоа го правиме. Јас верувам дека господинот Еди Рама бил дезинформиран. Тој е релативно кратко на оваа функција, рече премиерот.
Мотивите на насилните демонстранти, според премиерот,  не потекнуваат од Охридскиот рамковен договор.

- Нивните мотиви се други и верувам кога господинот Еди Рама малку подлабоко би навлегол во мотивите на оние луѓе коишто го организираат сето ова и коишто Албанците како етничка заедница ги користат како параван односно ги злоупотребуваат кажувајќи дека ова е нешто против Албанците, убедувајќи дека се судат Албанците во Македонија што е апсолутно неточно, кажувајќи дека сака да се осудат Албанците со ова. Тоа е само злоупотреба на чувствата на Албанците во Македонија како етничка заедница заради други цели, заради други агенди, заради други интереси, а не за интересите на Албанците и интересите на Македонците, интересите на сите други граѓани во Македонија, потенцираше Груевски во интервјуто за МТВ2.