Пуштено во употреба повеќенаменско спортско игралиште во Драчево

Во Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во скопската населба Драчево денеска во присуство на премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески и голем број граѓани беше пуштено во употреба повеќенаменско спортско игралиште.

Премиерот Груевски нагласи дека Владата и институциите на системот продолжуваат со интензивно темпо на работа во сите полиња од интерес на граѓаните и во сите делови на нашата држава.

- Пред нас е период кој ќе донесе многу придобивки, многу инвестиции, реформи и нови проекти, но и период во кој треба да ги довршиме проектите кои ги започнавме во минатото и континуирано ги реализиравме во изминатиот период, рече претседателот на Владата на Република Македонија.

Еден од тие проекти, истакна Груевски, е и проектот за „Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“ во чии рамки веќе се пуштени во употреба 12 игралишта, а 14 други се во тек на изградба. Овој проект е дел од низа капитални проекти во спортот какви што, истакна премиерот, нашата држава не памети. Слични проекти се изградбата на 35 големи спортски сали, на 50 фудбалски игралишта, како и изградбата на 100 тениски терени низ целата држава. Целта на сите овие проекти е секаде низ Македонија да се поттикне развојот на спортот и здравите навики кај младите.

Тој потсети дека во општина Кисела Вода веќе се изградени спортски сали во ОУ „Невена Георгиева Дуња“ и „Круме Кепески“. Се планира и изградба на два тениски терени и четири повеќенаменски спортски игралишта.

Игралиштето во ОУ „Св. Климент Охридски“ овозможува услови за играње фудбал, ракомет, кошарка и други спортови, а е опремено со рефлектори за негово користење во вечерните часови.

Премиерот Груевски најави дека во општина Кисела Вода се предвидени уште три вакви игралишта од кои едното веќе се гради во подрачното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Црниче.

- Тука во Драчево во завршна фаза е изградбата на новото училиште „Рајко Жинзифов“ за што е обезбедена донација од Владата на Народна Република Кина. Помогнавме за асфалтирање на улицата „Иван Хаџиниколов“, ја изградивме атмосферската канализација на улицата „Жарко Зрењанин“ и фекалната канализација во населеното место Потстаница, рече Груевски и додаде дека на пошироката територија на Кисела Вода реализирани се уште многу други проекти.

Потенцира дека продолжува соработката со Општина Кисела Вода, како и вложувањето во проекти кои се од витално значење за образованието, земјоделството, културата, за модернизација на здравството, за унапредување на животната средина, за изградба на патиштата, како и повеќе други проекти.

Според градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, повеќенаменското игралиште ќе придонесе за правилен развој на најмладите и ќе помогне да се трасира успешната иднина на некој иден спортист.

- Во периодот на градба на ова повеќенаменско игралиште, и Општина Кисела Вода се вклучи со сопствена инвестиција во целосната реконструкција во поставувањето нов кров на училишната спортска сала кој беше во исклучително незавидна состојба, со цел да се овозможи непречено одвивање на наставата и развојот на училишниот спорт, истакна Беличанец Алексиќ.

Таа најави дека со средства од буџетот на општината во текот на идната недела до повеќенаменското игралиште во училиштето ќе се постави уште едно со фитнес реквизити.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески рече дека новото игралиште ќе биде место кое ќе претставува одлична основа за спортување на сите граѓани на Драчево и општината Кисела Вода.

- На овој начин учениците ќе имаат уште поголем мотив да спортуваат и да се дружат меѓусебно, а наставниците ќе имаат дополнителна шанса да ги научат младите да практикуваат поздрав начин на живеење, фокусиран на промовирање на натпреварувачкиот дух, правилата на фер-плеј и тимска работа, рече Спасески.

Тој нагласи дека со изградбата на повеќенаменските игралишта и останатите капитални проекти за спорт се потврдува заложбата за градење општество базирано на знаење и јакнење на духот и физичкото здравје кај младата популација.