Почна со работа Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска на Филозофскиот факултет го означи почетокот  на работата на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

- Воведувањето на третиот циклус - докторски студии како вистински студии со напуштање на досегашниот начин на стекнување докторат на науки претставува една од најзначајните реформи во високото образование, рече Кралев.

Воспоставениот модел на докторски студии, потенцира Кралев, по примерот на најразвиените европски универзитет е прв, не само во државата туку и пошироко на Балканот.

- Со акредитираните повеќе од 30 студиски програми од трет циклус се пријавени над 350 кандидати и запишани повеќе од 200 докторанти. Докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се значајна основа за создавање нова и висококвалитетна генерација доктори на науки кои во иднина ќе претставуваат столб на научната и истражувачката работа во нашата земја, рече Кралев.

Тој посочи дека МОН и Владата секогаш ги поддржувале и додаде оти и во иднина ќе ги поддржуваат сите промени и новини кои ќе придонесат за поквалитетно образование.

Кралев изрази голема благодарност до сите учесници кои биле вклучени во, како што рече, успешната реализација на концептот за организирање докторски студии во Школата за докторски студии, како една од основните карактеристики на интегрираното дејствување на Универзитетот согласно Болоњските принципи.

Првото предавање под наслов „Универзитетот, науката и етиката - концепција и практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што го одржа ректорот на УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски почна со работа оваа Школа.

- Имаме задоволство денеска да бидеме присутни на првиот академски час по повод отворањето на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, рече Стојковски и потенцира дека оваа Школа, која организира докторски студии е прва на Балканот.

На настанот присуствуваа декани на повеќе факултети, професори, докторанти...