Груевски: За само четири месеци вработени 2.400 млади лица со владината мерка

Две илјади и четиристотини млади лица до 29 години добија вработување со владината мерка за да ги стимулира работодавачите да вработуваат млади лица. Според премиерот Никола Груевски проектот е успешен и се одвива одлично.

- Некаде во март беше усвоена во Парламентот и почна да се спроведува мерка со која на младите до 29 години, односно на нивните работодавачи, ако ги вработат во првите 12 месеци, им се овозможува да не плаќаат придонеси и персонален данок на доход, што претставува околу 37 отсто од бруто-платата. Имаат обврска да ги задржат уште 12 месеци на работа, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на Скејт парк во Скопје.  

Оценувајќи ја мерката како успешна, рече дека се одвива одлично и оти за само четири месеци се одобрени 2.400 апликации, бидејќи вработувањата се вршат по барање на работодавачот.

Премиерот Груевски потенцира дека проектот е предвидено да трае 12 месеци и оти потоа ќе се разгледа дали има потреба од негово продолжување. - Како и да е, 2.400 млади лица до 29 години си добија вработување на основа на оваа владина мерка и мене ми е задоволство што придонесовме во тој дел со една од мерките на Владата, истакна ГБруевски.