Премиерот Никола Груeвски ја посети болницата „Квин Мери“ во Хонг Конг

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 03.07.2014 година) оствари посета и средба со менаџерскиот тим на болницата „Квин Мери“ во Хонг Конг, НР Кина.

Болницата „Квин Мери“ е главен образовен здравствен центар во Хонг Конг, и е најнаградувана клиника во регионот. Таа е специјализирана во терцијарното здравство на целата територија на Хонг Конг. Вработува над 5000 лица медицински персонал, од кои над 1500 доктори. Позната е по своите напредни методи во областа на трансплантацијата и педијатријата.

На средбата беше разговарано за остварување на соработка помеѓу македонските јавни здравствени установи и болницата „Квин Мери“.

Беше постигната согласност за обука и едукација на македонски доктори и медицински персонал во болницата „Квин Мери“. Во идниот период стручни тимови на двете страни ќе треба да ги прецизираат областите од медицината во кои ќе се врши обука и тренинг на нашите доктори и процедурите за остварување на соработката.

Се надеваме дека и нивните лекари, од Хонг Конг, ќе дојдат и кај нас да го пренесат нивното знаење, останувајќи во Македонија неколку недели и повеќе, со цел поголем број лекари и медицински персонал да научат некои од вештините кои хонгконшките лекари ги имаат научено и применето, а кај нас сеуште не се внесени, изјави премиерот Груевски по средбата.

Менаџментот на болницата „Квин Мери“ позитивно гледа на идната соработка и очекува споделување на знаењата и искуствата со македонските лекари и медицински персонал.

Мислам дека постојат многу опции за македонските доктори да го шират своето знаење и да дојдат тука во Хонг Конг да го споделат нашето искуство кое го имаме, и така да ги искористиме шансите за соработка во иднина, изјави д-р Ли Чои, директор на болницата.