Промовирана публикацијата „Концептот за човекови права за полицијата“

Во ЕУ Инфо центарот денеска беше промовирана публикацијата „Концептот за човекови права за полицијата“ во рамки на проектот за јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на промоцијата изрази убеденост дека изданието „Концепт за човекови права за полицијата“ во иднина ќе биде основна алатка како во обуката на полициските службеници, така и во нивното секојдневно работење. Потенцира дека оваа брошура, е само дел од целиот проект кој предвидува и реновирање на просториите за прифат во Полициските станици, но и доопремување и дообучување на вработените во Секторот за внатрешна контрола, во вредност од над 2 милиони денари.

- Тука сме за да ги одбраниме и обезбедиме сите уставно загарантирани права на граѓаните на Република Македонија, но и да внимаваме при нашето работење да не ги пречекоруваме овластувањата и да не нарушиме нечии права. Се трудевме целосно своето работење да го водиме согласно начелото „полицијата сервис на граѓаните“. Европските стандарди во областа на правдата и внатрешнита работи односно почитувањето на основните права и слободи, се и наши базични постулати врз кои се темели институционалното функционирање, рече министерката Јанкулоска.

Една од мерките на новата владина програма, подвлече таа, предвидува изготвување закон со кој ќе се уреди основање нова, независна институција која ќе функционира во системот на надворешна контрола на почитување на човековите слободи и права, професионалните стандарди и примената на посебните должности и овластувања од страна на вработените во МВР.

Според последното истражување на јавното мислење изработено од ОБСЕ, потсети Јанкулоска, речиси две третини од македонските граѓани и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивните средини што е далеку над европскиот просек од 42 проценти.

Евроамбасадорот Аиво Орав посочувајќи дека проектот го финансира ЕУ, а го спроведува Советот на Европа заедно со  министерствата за правда и за внатрешни работи, истакна дека главна цел е да се даде поддршка за поставување долгорочна стратегија за човековите права и слободи и нуди начела за дејствување на полициската служба во период од 10 години.

- Овој концепт има за цел да ги стави на едно место и полициската работа и човековите права кои понекогаш се третираат како да се две различни работи. Полицијата во секое демократско општество мора да биде главниот актер кој ја поддржува заштитата на сите лица без никаква дискриминација, рече меѓу другото Орав.

Лорен Браулио од Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа, меѓу другото потенцира дека Еропскиот комитет за превенција од тортура и секакво нечовечко постапување последните години забележа подобрување во спроведувањето на секојдневните задачи на полицијата. Сите реформи во полицијата, рече тој, заслужуваат поздрав. Според него, со концептот се утврдува визијата, но и мисијата на полицијата за човековите права, како и вредностите кои се уставни кон сите граѓани.

Публикацијата „Концептот за човекови права за полицијата“, финансирана од ЕУ, се фокусира на развивање на капацитетите за јакнење на професионалноста за целосно почитување на основните човекови права на приведените и задржаните лица, преку ефикасна и доследна регулаторна и оперативна рамка.