Јанкулоска присуствуваше на показна вежба на новите приправници во ЕБР

Завршна показна вежба денеска во скопската касарна „Ѓорче Петров“ изведоа 113-те нови приправници во Единицата за брзо распоредување (ЕБР), примени на претпоследниот оглас за полициски службеници од регрутирани 300 за потребите на МВР, а по шестмесечниот период на тестирање и прилагодување.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која присуствуваше на показната вежба, нагласи дека од 120 регрутирани за потребите на ЕБР, 113-те приправници успешно ја завршиле обуката во различни фази, односно поминале процес на обука во делот на боречките вештини, справување со нарушен јавен ред и мир и сите работни задачи со кои би се соочувале како припадници на ЕБР.

- Тие демонстрираа високо ниво на подготвеност, способност за користење на средствата за работа и почитување на човековите слободи и права, оцени министерката Јанкулоска, посочувајќи оти првпат Единицата се подновува со бројка од над 100 нови припадници, како редовна континуирана практика на обновување на составот на секоја единица во МВР.

Припадниците на ЕБР во рамки на показната вежба презентираа основни техники од областа на јавниот ред и мир, женскиот вод презентираше работа со тонфа, беа изведени тактики за воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, присилно запирање на патничко моторно возилио и аспење опасни лица, влез во објект и апсење, патролирање и претрес на терен со цел откривање и апсење опасни лица сторители на кривично дело, како и презентација на техники од боречки вештини. 

На новинарско прашање за пресудата за случајот „Монструм“, Јанкулоска истакна дека работата на министерот за внатрешни работи не подразбира коментирање на судските одлуки. - Сепак, судот работи исклучиво врз основа на докази и закон, рече министерката Гордана Јанкулоска.