Потпишан договор за учество во програмата „Хоризонт“ на ЕУ

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми во име на Владата денеска во Брисел во Генералниот директорат за истражување и иновации на Европската Комисија, го потпиша Меѓународниот договор помеѓу Република Македонија и Европската унија за учество во Рамковната програма за истражување и иновации - “Хоризонт 2020“.

Како што соопшти МОН, програмата претставува финансиски инструмент на Европската унија за поддршка на истражувањето и иновациите, со цел креирање нови работни места, економски раст и конкурентност на Европа.

- Договорот што го потпишуваме за нашата научно-истражувачка и бизнис заедница ќе обезбеди можност за поблиска соработка во постигнување на заедничките цели - економско опоравување на Европа и надминување на најголемите проблеми што го загрижуваат народот, рече министерот Адеми.

Тој додаде дека соработката помеѓу ЕУ и Република Македонија во оваа сфера не е нова, односно земјата беше успешен учесник и во претходната 7-ма Рамковна програма со повеќе од 100 финансирани проекти, особено во областите на информатичката и комуникациска технологија, енергијата, земјоделството и безбедност на храната.

Во своето обраќање Адеми се осврна и на активностите кои ги реализираше Владата во изминатите две години, а кои придонесоа кон потпишувањето на договорот, како: усвојувањето на Стратегијата за иновации 2012-2020, новиот закон за иновации, Законот за научно-истражувачка работа, потпишувањето на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации за Западен Балкан, основањето на Фондот за иновации и технолошки развој, како и имплементацијата на проектот за набавка на лаборатории за потребите на јавните научни и високо образовни установи во земјата.

- Активното учество на Република Македонија во програмата обезбедува интернационален пристап во истражувањата и иновациите на научната и бизнис заедница од земјата, поттикнување на мобилност, трансфер на знаења и технологии, како и пристап до врвна експертиза во соодветните области, се наведува во соопштението од МОН.