Првата група деца замина на бесплатен одмор

Првата група од стотина деца денеска замина на летен одмор во Струга, во рамки на владиниот проект за бесплатен годишен одмор и рекреација за семејства од ранливи категории. Од сега до крајот на август на секои седум дена ќе се испраќаат нови групи деца, а во текот на летово ова право ќе го искористат 2.000 деца.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска на Меѓуградската автобуска станица во Скопје ја испрати првата група деца кои ќе ја користат бесплатната услуга за одмор и рекреација.

- Ова е трето лето како го реализираме овој позитивен проект со кој им даваме голема поддршка на родителите кои се наоѓаат во тешка состојба,  но пред се особено е битно што им овозможуваме на 2.000 дечиња да искористат бесплатна услуга за летен одмор и рекреација. Овој проект продолжува и натаму. Ќе трае во текот на летниот период и ќе заврши кон крајот на август. Децата на одморот ќе имаат различни културни и забавни содржини, но и едукативни и спортски активности и денови исполнети со радост и смеа, рече Спасов.

Тој информира дека во претстојните два месеца, на секои седум дена ќе се испраќаат нови групи деца. Во зимскиот период, пак, како што рече, е планирано на одмор да заминат уште 1.000 деца.

- И во иднина ќе продолжиме со реализација на овој проект, кој е позитивен и од хуман карактер. Проектот опфаќа шест полни пансиони. Децата кои го користат ова право се од петто до осмо одделение. Вредноста на целиот проект е 12 милиони денари на годишно ниво. Наменет е за деца од семејства приматели на социјална парична помош, посебен додаток, но и деца со пречки во развојот и деца без родители и родителска грижа, рече министерот Спасов.

Сузана Тунева Пауновска од Црвениот крст на Град Скопје информира дека Црвениот крст на Република Македонија и годинава се вклучува во проектот на Владата на Република Македонија.

- Црвениот крст и годинава ќе се погрижи децата да имаат прекрасен и безгрижен одмор во одморалиштата.  Секоја година се зголемува бројот на волонтери кои сакаат да бидат дел од овој проект со цел да предизвикаме поголем број детски насмевки, рече таа.

Додаде дека Црвениот крст има изготвено посебна програма за сите денови на децата да им бидат осмислени. Информира дека годинава новина е тоа што ќе вклучиме и спасители од Центарот за безбедност на вода кои во текот на деновите на престој ќе организираат настава за пливање за сите кои ќе сакаат да научат да пливаат.