Спортската академија од 2015/2016 ќе биде ново државно средно училиште

Спортската академија во која средношолци се едуцираат за професионални спортисти и за идни членови на националните спортски репрезентации, од 2015/2016 година ќе биде ново државно средно училиште, соопшти министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Таа сега работи во составот на државното училиште за физичка култура во Скопје, каде пред две години беа  воведени експертиментални паралелки за фудбал, кошарка, ракомет и тенис. Поради голема заинтересираност на ученици и нивни родители за запишување во Спортската академија, по тие спортови од оваа година се отворени и дисперзирани  паралелки во седум други општини низ Македонија.

- Со оглед на специфичностите, како што се: запишувањето ученици, критериумите за запишување, проверка на учениците, реализација на наставниот процес, ангажирањето стручни лица за практичната настава, оценувањето и слично, се создаде потреба овие прашања да се уредат во посебен закон. Во таа насока Владата на РМ на последната седница го усвои законот за Спортска академија со која се дава правна рамка на досегашната академија и таа од учебната 2015/2016 година ќе се трансформира во посебен правен субјект, ново државно средно училиште  како продолжение на досегашните експериментални паралелки, рече Адеми.

Условите за запишување во новото државно средно училиште ќе бидат исти како и досега. Секој кандидат ќе мора да помине низ фазата на тестирање според критериумите дадени за секој спорт одделно. Проверката за секој спорт потоа ќе ја прават членовите на спортските федерации  и претставници на Министерството за образование и нака.

Како и досега, соодветната федерација за секој избран ученик ќе обезбедува спортска опрема и превоз до местото на одржување на тренинзите, а за учениците кои живеат надвор од општината каде што се изведува наставата, ќе се обезбедува сместување во ученички домови.

Учениците во Спортската академија и понатаму ќе бидат дел од процесот државна матура и ќе може да одлучуваат дали ќе полагаат државна или училишна матура, со тоа што тие што ќе полагаат државна матура ќе може да продолжат на студии.