Владата со нови мерки за помош на бизнис заедницата

Почитувани,

Денес, Владата на Република Македонија ја одржа четвртата седница. И на оваа, како и на претходните три седница, Владата усвои одлуки кои значат реализација на проекти кои се дел од програмата за работа на Владата и значат исполнување на нашите дадени ветувања кон граѓаните.

На денешната седница Владата усвои неколку мерки и проекти чија суштина е поддршка на бизнис заедницата во Република Македонија. По мерките кои беа усвоени на претходните седници и кои значеа помош и поддршка на социјално ранливите категории, на младите, на студентите и на повозрасните лица, со овој мини пакет мерки Владата дава поддршка и нови можности на македонските компании.

Прво. Владата ја усвои Информацијата и Акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развојот за почеток со реализација и користење на четвртата евтина кредитна линија за македонските компании, чија вредност е нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува 5,5%. Првите 15,3 милиони евра за 66 претпријатија ќе можат да почнат да се влечат веќе од втората половина на месец јули 2014 година.

Целта на кредитната линија е да се обезбеди подобрување и развој на производните способности на малите и средни претпријатија. Средствата ќе бидат наменети за компании кои со нивите вложувања придонесуваат за пораст на вработеноста, зголемување на извозот и поголема додадена вредност. Со кредитната програма малите и средните претпријатија ќе добијат значајна финансиска поддршка, што ќе придонесе за јакнење на нивните конкурентни предности на домашниот и странските пазари, и подобрување на нивната ликвидност и профитабилност.

Како резултат на субвенциите кои ги обезбедува Владата, кредитните средства и понатаму ќе се обезбедуваат со мошне поволна каматна стапка од само 5,5 % и истата е фиксна, непроменлива за целокупниот период на отплата на кредитот. Рокот на отплата на кредитите е до 8 години за инвестициони кредити со грејс период до 1 година, односно до 3 години со грејс период до 6 месеци за кредити за обртни средства.

Како што споменав Првата транша со која ќе се финансираат 66 проекти во вкупен износ од 15.352.768 ЕУР ќе биде повлечена до крајот на јули 2014. Со реализација на првата транша се очекува да се отворат 185 нови работни места. Најголемиот дел од средствата, односно 70% од средствата ќе бидат наменети за финансирање на инвестициски проекти, додека останатите 30% ќе бидат искористени за финансирање на обртни средства. Распределбата по сектори е следна: 37% за преработувачката индустрија, 23% за трговијата, додека останатиот дел е наменет за транспортот, градежништвото и другите дејности.

Согласно планот до крајот на 2014 година се планира да се повлечат вкупно 40 милиони евра, додека останатите 60 милиони евра до крајот на наредната 2015 година .

Најзначајни ефекти од трите досега реализирани кредитни програми во вкупен износ од 250 милиони евра се:

• Поддржани 1.219 проекти на мали и средни претпријатија (505 од првата, 275 од втората и 439 од третата кредитна линија),

• Отворени 5.303 нови работни места,

• Подобрена ликвидност на голем дел од малите и средни претпријатија (82.000.000 евра беа исклучиво наменети за обртни средства,

• Намалени трошоци за финансирање на компаниите,

• Намалени каматни стапки и кај останатите кредити на деловните банки за финансирање на компаниите.

Со реализацијата на оваа најнова четврта евтина кредитна линија во вредност од нови 100 милиони евра се очекува да се отворат 2150 нови работни места, што е најзначајна придобивка за Владата.

Второ, во насока на исполнување на ветувањата за нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите, Владата денес го усвои предлог законот за прекршоци.

Одмерувањето на висината на глобата за правните лица и трговците поединци ќе се врши врз основа на следните критериуми:

-вкупен приход остварен во претходната фискална година

-просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец

-и претходно поведение на сторителот

По основ на критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:

-за субјекти кои имаат приход од 0-500 000 денари – 10% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 21.092 субјекта

-за субјекти од 500 001 до 1 000 000 – 20% . Во оваа категорија има 10.179 субјекти

-за субјекти од 1 000 001 до 3 000 000 денари – 30%. Во оваа категорија има 15 143 субјекти

-за субјекти од 3 000 001 до 6 000 000 денари – 40%. Во оваа категорија има 5 806 субјекти

-за субјекти од 6 000 001 до 20 000 000 денари – 50%. Во оваа категорија има 7294 субјекти

-за субјекти од 20 000 001 до 100 000 000 денари – 60%. Во оваа категорија има 4 106 субјекти

-за субјекти над 100 000 000 денари – 70% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 1489 субјекти.

 

По основ на критериумот просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец, може да се изрече најмногу до 20% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:

-              Од 0 до 9 вработени – 5%

-              Од 10 до 49 вработени – 10%

-              Од 50 до 249 вработени – 15%

-              Над 250 вработени – 20%

По основ на критериумот претходно поведение на сторителот може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:

-доколку субјектот нема изречено претходни санкции – 0%

-доколку субјектот има изречени правосилни претходни санкции – 10%

Висината на глобата се одредува како процент од пропишаниот износ на глобата. Одмерувањето на висината на глобата според претходно кажаните критериуми ќе се врши на тој начин што процентот од пропишаниот износ на глобата ќе претставува збир на сите проценти добиени во зависност од категоријата на во која влегува сторителот во рамките на секој пропишан критериум.

На пример доколку една глоба е 10 000 денари. Доколку прекршок стори субјект кој има приходи до 500 000 денари годишно и има до 9 вработени, и претходно нема сторено таков прекршок, тогаш тој ќе плати глоба пресметана на следниот начин:

-Врз основа на приходот кој му е до 500 000 денари тој ќе плати 10% од предвидената глоба, значи 1000 денари.

-врз основа на бројот на вработени кој е до 9 вработени тој ќе плати 5% од предвидената глоба, значи 500 денари.

Значи субјектот наместо 10 000 денари како што беше досега согласно досегашниот закон, сега согласно новиот закон ќе плати 1500 денари.

И следствено на ова и на претходно кажаното, доколку се работи за поголеми субјекти односно субјекти кои остваруваат поголем приход на годишно ниво, санкцијата соодветно ќе се зголемува со што се дава една димензија на правичност и на праведност, што е и целта на нивелирањето на санкциите согласно економската моќ на субјектот. Или едноставно кажано глобата која би ја плаќале малите дуќанчиња нема да биде иста по висината на вредноста со онаа која ќе ја плаќаат големите компании.

Целта на овие законски измени е воведување на поголема правичност во изрекувањето на прекршочните санкции од страна на прекршочните органи. Овие измени ќе донесат поповолни и пред се поправедни услови за работа на 65 109 субјекти, како и предвидливо опкружување, што ќе биде од голема помош за бизнис заедницата за унапредување на амбиентот за работа.

Трето, во насока на подобрување на капацитетите на домашните компании, фокусирано на делот со унапредување на капацитетите на човечкиот фактор во компаниите и тоа во делот на кадарот кој врши раководни функции во компаниите, Владата одлучи да се започне со реализација на последната фаза на проектот Топ менаџмент кој исто така е дел од програмата за работа на Владата.

Проектот Топ менаџмент опфаќа реализација на практична обука на менаџерите од домашни компании, и тоа во рамките на странски компании. Странските компании во кои ќе биде изведувана практичната работа ќе бидат од сферата, односно гранката, во која припаѓа и домашната компанија. Со овој проект ќе бидат опфатени 140 менаџери од македонски компании, кои веќе врз основа на јавен и транспарентен оглас во изминатиот период беа селектирани и ја имаат поминато теоретската обука.

Практичната обука ќе се спроведе во високо развиена земја во странство во траење од 1 месец.

Акционен план за реализација на овој проект кој го усвои Владата е следниот:

1. Почеток на постапка за изготвување на техничка спецификација за објава на тендер за имплементација на проектот „Топ Менаџмент“

2.            Објава на тендер за изнаоѓање на субјект од странство преку кој ќе се реализира процедурата на изнаоѓање на странски компании кај кои домашните македонски менаџери ќе ја поминат практичната обука, најдоцна во септември 2014

3.            Избор на најповолна понуда и потпис на договор – во октомври 2014

4.            Обука на првата група на 50-ина менаџери најдоцна до декември 2014

5.            Обука на втората група на 50-ина менаџери најдоцна до Февруари 2015

6.            Обука на третата група на 50-ина менаџери најдоцна до април 2015

Со реализација на овој проект користа за домашните компании ќе се огледа во следното: менаџерите ќе го зголемат нивото на знаења и вештини, остварување на нови контакти од важност за бизнисот, продолжување на соработката со странската компанија и стекнување нови партнери, и имплементирање на подобрени и модерни решенија (организациски и технички) во домашната компанија.