Писмо со сочувство и понуда за помош од премиерот Груевски до бугарскиот премиер Орешарски

Ваша Eкселенцијо,

Со особена загриженост ги следам вестите за големите поплави кои ја погодија Вашата земја, носејќи повеќе човечки животи и предизвикувајќи големи материјални штети.

Дозволете ми, во овој тежок период за Република Бугарија, од мое лично име, и од името на граѓаните на Република Македонија да изразам длабоко сочувство за жртвите од поплавите. На семејствата кои ги загубија своите најмили, Ве молам да им пренесете дека сочувствуваме со нивната болка и дека нашите молитви и мисли се со нив.

Во духот на искрените и добрососедски односи кои ги имаме и во духот на солидарноста и пријателството на нашите народи, во оваа прилика сакам да Ве известам дека можете целосно да сметате на помошта на Владата на Република Македонија. Подготвени сме во нaјбрз можен рок да ги ставиме на располагање сите потребни ресурси со цел санирање на штетите кои ги предизвика природната непогода.

Упатувајќи го уште еднаш моето сочувство, дозволете ми да ја изразам мојата надеж дека набрзо ќе успеете да ја нормализирате состојбата и да ги надминете последиците од поплавите.

Со почит,

Никола Груевски