Груевски: СДСМ и наштети на проверката на „Актор“

Премиерот Никола Груевски коментирајќи ги критиките на опозицијата поврзани со компанијата „Актор“ која работи на автопатот Демир Капија - Смоквица, изјави дека се прават проверки на работењето на компанијата и оти СДСМ се погрижи тоа да се дознае во јавноста.

- Мислам дека се работи за една тенденција за вадење средства коишто самата компанија ги заработила и нејзината одлука да ги вади во кеш, преку исплата на поголем број луѓе. Не го гледам начинот како тие се обидуваат тоа да го залепат на мене како некоја моја грешка или некој мој пропуст. Симптоматично е тоа што некаде на крајот на минатата година, дознав во овој меѓупериод, имало пријава од локалната банка до една државна институција и таа институција започнала истрага. Потоа во истрагата се вклучиле и други институции. Истрага во смисла да се види дали се е во ред или не е се во ред. Ние не можеме да кажеме однапред дека таму има некаков незаконски начин на работење. Многу интересно е дека СДСМ се погрижи за тоа да се дознае, да дознае и оној кој можеби, ние не знаеме, правел некакви незаконски работи. Обично ваквите работи се прават внимателно, изјави Груевски.

Ваквите јавни призивања, додаде тој, штетат на тие проверки. - Како и да е ние работиме по закон и по етички норми. Не велам дека сме идеални и дека некој не погрешил, сите сме живи луѓе и некогаш може да се направи некаква грешка, но да не дозволуваме да се многу чести. По тоа и се разликуваме и за СДСМ, изјави премиерот Груевски во интервју за телевизија Сител.