Груевски: Македонија е веќе на картата на странските инвеститори

Македонија е веќе позиционирана на мапата на странски инвеститори. Оваа година во земјата ќе влезат најмалку 20 нови компании кои ќе отворат нови работни места, изјави премиерот Никола Груевски.  

- Во новогодишното обраќање истакнав дека очекувањата се дека најмалку 20 нови компании треба да отворат фабрики оваа година. Голем број компании веќе ги објавија своите инвестиции, а има и други најави. Со дел од компаниите разговорите се во завршна фаза и тие наскоро ќе ги објават своите инвестиции, рече Груевски вечерва во интервју за телевизија Сител.

Потсети дека германската Макард објави инвестиција во Велес и оти кон крајот на април планираат да почнат со нивната фабрика. - Во Кочани веќе се вработуваат луѓе во компанијата Амфенол, а компанија од Дубаи почна со градба на свој капацитет на откупно дистрибутивен центар за извоз на пазарите од блискиот исток, а ќе купуваат јаболки од Ресен, рече премиерот.

Украинската компанија која купи три концесии за рудници, како што нагласи Груевски, ќе вработи околу 400 до 500 лица, а ќе бидат изградени две фабрики за производство за жици од бакар и за преработка на бакар коишто ќе се извезуваат.

- Има и други најави од компании. Компанија со која подолг период работиме веќе ни најави отворање фабрика во Кичево и приближно илјада вработувања, за производство на воздушни перничиња за автомобили, но чекаме самата да објави. И други компании се во заврша фаза на објавување на својата инвестиција, истакна премиерот.

Во тек се преговори и со други компании и очекувањата се дека позитивниот бран на инвестирање на странски компании ќе продолжи.

- По попуштањето на кризата во Европа и се поголемиот влез на инвеститори во земјава, Македонија веќе е позиционирана на мапата на странски инвеститори.