Министерот Димовски во посета на винаријата „Трајковски“

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски денеска ја посети винаријата „Трајковски“ во кавадаречкото село Крњево. 

 - Во изминатите години покажавме дека посветуваме огромно внимание на лозаровинарството. Формирањето на Асоцијацијата на винарии значи голем исчекор во развојот на овој сектор. Ние помагаме како на големите така и намалите винарии. Ги ускладивме количините на произведено грозје со потребите на винарниците.Континуирано се зголемува квалитетот на македонските вина, изјави министерот Димовски.

Тој нагласи дека за 50 проценти е зголемен извозот на наливно и за 10 отсто извозот на флаширано вино. Дневно во светот се наоѓаат по околу 60 илјади шишиња македонско вино.  - Им помагаме на винариите за нивно претставување на саеми, но и за подобар маркетинг при извоз на вино. Сево ова резултира со покачена цена како на наливното така и на флашираното вино, нагласи Димовски. 

Едно шише македонско вино при извоз, посочи, достигнува цена и од 22 евра.  - Тоа значи дека знаеме да произведеме добро грозје и добро вино, имаме добри енолози и добри менаџери кои со наша помош извезуваат дури и до Јапонија и Јужна Америка, истакна министерот за земјоделство. 

Билјана Трајковска, еден од сопствениците на винаријата, кажа дека се работи за семејна бутик винарија која развива рурален туризам, има винарија и дестилерија, а амбиција им е создавањето глобален бренд. Винаријата се наоѓа на околу 500 метри надморска височина под Кожуф, а лозовите насади на околу 700 метри.  Извезуваат во Холандија, Канада, Босна и други земји. Капацитетот за вино изнесува 30 илјади литри а за жестоки пијалоци 40 илјади литри.