Пуштено во употреба фудбалското игралиште „Македонски Лавови“ во Ѓорче Петров

Во Општина Ѓорче Петров денеска официјално беше пуштено во употреба надграденото фудбалско игралиште „Македонски Лавови“. Тоа е првото фудбалско игралиште кое се направи во рамките на проектот на Владата за изградба на 50 големи фудбалски игралишта во Македонија и по неговото пуштање во употреба беше предадено во владение на Општина Ѓорче Петров.

Општината на фудбалското игралиште изгради најсовремен дренажен систем, а Фудбалската федерација поддржана од УЕФА донираше вештачка трева.

- Македонија прави големи чекори напред во делот на спортската инфраструктура. Многу места во државата кои никогаш во минатото немале спортски терени и вистински услови за спорт и рекреација добија игралишта, сали и вистински услови за спортување. Со тоа добија можност да оформат нови спортски генерации во Република Македонија. Еден од тие објекти е и ова модерно фудбалско игралиште, порача премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на пуштањето во употреба на игралиштето во Ѓорче Петров.

Тој посочи дека ако пред 10 години општа констатација во земјава беше дека има голем недостиг на спортски терени и вистински услови за тренинг и развој на спортистите, сега работите се сериозно променети.

- Скоро и да нема град во кој немаме изградено фудбалско игралиште или сала. Тука во Ѓорче Петров се изградија две нови игралишта и две големи спортски сали. Со проектот за изградба на 145 училишни спортски сали се опфатија сите училишта во државата кои немаа своја сала, а има услови за нејзина изградба, рече Груевски.

Нагласи дека во рамките на овој проект досега се направени 34 училишни сали, а голем број се во фаза на градба. Потсети дека со проектот за изградба на 100 тениски терени се изградија или се градат голем број вакви терени, а слична е и состојбата со проектот за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Сокол Митровски рече дека на игралиштето е изграден најсовремен дренажен систем во кој се испочитувани сите стандарди кои ги бара УЕФА, проширена е заштитната ограда, изграден е пристапен пат со паркинг простор што ќе биде асфалтиран кога временските услови ќе го дозволат тоа и хортикултурно е уредена околината на стадионот.

- За реализацијата на овој проект одвоивме повеќе од 10 милиони денари од буџетот на општината, а вештачката трева е донација од ФФМ и УЕФА како наши докажани пријатели кои безрезервно ни помагаат во реализирање и на други спортски настани, рече Митровски.

Прецизира дека новиот фудбалски терен покрај женскиот фудбалски клуб „Единство – Ѓорче Петров“ и фудбалерите на „Македонија – Ѓорче Петров“ ќе може да го користат за тренинзи сите селекции на македонската репрезентација, но и граѓаните.

- Уверен сум дека еден ден на ова современо фудбалско игралиште ќе се играат и натпревари од меѓународен карактер, потенцира Митровски, заблагодарувајќи се на изведувачот на градежните работи „Трансмет“ од Скопје за предвреме завршените работи и покрај неповолните временски услови.

Претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски нагласи дека ова е првиот од вкупно 10-те терени ширум Македонија на кои ќе биде инсталирана вештачка трева со донацијата од УЕФА.

- Токму оваа општина прва ги заврши преземените обврски околу подготовката на подлогата за поставување вештачка трева. Со инсталирањето на вештачката трева овде и во останатите градови во Македонија ќе придонесеме многу повеќе млади луѓе да го засакаат фудбалот, да тренираат во одлични услови што, пак, севкупно ќе значи популаризација на фудбалот и да се надеваме појава на многу повеќе фудбалски таленти, порача Ѓорѓиоски.

Претставникот на УЕФА Давид Патриашвили нагласи дека има исклучително добра соработка со ФФМ за што, како што рече, воглавно работи во согласност со 11-те фудбалски вредности на УЕФА – Фудбалот на прво место.

- Ваков вид проекти не е можно да се исполнат доколку нема одлична соработка меѓу локалната и централната власт, Фудбалската федерација и УЕФА. Само со соработка на сите ќе може да се имплементираат и амбициозните проекти на УЕФА кои чекаат да бидат спроведени во вашата земја, истакна Патриашвили.