Груевски: По 50 години се реконструира Поликлиниката Букурешт

Утре почнува реконструкцијата на Поликлиниката Букурешт во Скопје, која ќе биде темелна и ќе се инвестираат 24 милиони денари.

Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски по промовирањето на завршената реконструкција на болничките крила во Градската општа болница „8 Септември“.

Тој рече дека освен што пред две - три години се замениле прозорците и се интервенирало во санитарните јазли и тоалетите, надвор од тоа 50 години во Поликлиниката Букурешт не е ништо инвестирано и реконструирано.

- Владата прави темелна реконструкција на целата Поликлиника. Ова е многу значајно бидејќи Поликлиниката Букурешт прима најголем број пациенти годишно од сите поликлиники во Скопје. Има високо ниво на образован стручен кадар, голема доверба од пациентите и не случајно најмногу пациенти доаѓаат во оваа Поликлиника. Дневно само доаѓаат околу 1.500 пациенти, истакна Груевски.

Додаде дека реконструкцијата на Поликлиниката Букурешт е дел од нивниот мега огромен пакет на градби на болници и реконструкции на болници и клиники во Република Македонија.