ГОБ „8 Септември“ со реконструирани болнички крила и нови лифтови

Сите седум болнички крила се реконструирани според најсовремени стандарди во Градската општа болница „8 Септември“-Скопје, во која се поставени три нови товарни и два патнички лифта. Во болничките крила има целосно нови санитарни јазли, подови и тавани, осветлување, шкафчиња во собите, како и нови инсталации за противпожарна дојава и повик на сестра и слично, со цел запазување на најновите болнички стандарди. Вкупна вредност на целата инвестиција е над 1 милион евра (62,2 милиони денари).

На промовирањето на завршената реконструкција на болничките крила во таа здравствена установа денеска присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.

Премиерот Груевски изјави дека реконструирани се околу 4.800 м2 површина согласно најмодерните стандарди и создадени се одлични услови за работа на вработените, и одлични услови за пациентите кои ги има во се поголем број во болницата која доби на значење откако пред четири години Владата донесе одлука таа да стане Градска општа болница.

- Задоволство ми е што оваа фаза на реконструкцијата заврши. Тоа беше значајна инвестиција, но и ефектот е значаен. Откако претходно добро се опреми го голем број медицински апарати, откако и се вработија голем број луѓе и натаму ќе има дополнителни вработувања како што расте бројот на пациенти, така што и условите во самата зграда се одлични, посочи Груевски.

Останува, како што рече, уште една фаза за интервенција во ГОБ „8 Септември“, а тоа е реконструкција на фасадата и на уште еден помал дел во зградата, кој ќе биде нашата следна заложба и нашиот следен проект.

Mинистерот Тодоров истакна дека ГОБ „8 Септември“ е исклучително значајна здравствена институција не само на ниво на град Скопје, туку и за цела Македонија.

- Добар дел од пациентите кои доаѓаат во болницата не се од Скопје туку од другите градови. Пациентите се повеќе имаат доверба во стручноста и квалитетот на здравствените услуги кои се даваат тука, во новата и современа опрема која ја набавивме, а сега и со комплетната реконструкција, практично се заокружува еден цел инвестициски циклус, потенцира Тодоров.

Додаде дека очекува оти со закружувањето на тој инфраструктурен зафат повеќе ќе се подигне задоволството на пациентите и медицинскиот персонал.