Пуштен во употреба локалниот пат Ерџелија – Мустафино

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на пуштање во употреба на локалниот пат с. Ерџелија – с. Мустафино, општина Свети Николе, во должина од 3,14 километри, широчина 5 метри и инвестициска вредност од 11,2 милиони денари.

Во општина Свети Николе досега се реконструирани и рехабилитирани четири локални патишта во вредност од 30 милиони денари, а оваа година треба да се отпочне со реконструкција на локалниот пат од село Амзибегово до село Црнилиште, во должина од 2,5 километри.

Изнајдовме начин и средства по ваше барање, нагласи премиерот Груевски во обраќањето пред присутните, успешно да се реконструира целиот пат во должина од над 3 километри.

- Она што беше долгогодишен проблем на жителите веќе е надминат. Сега имаме сосема нов пат кој ќе овозможи подобра комуникација со градот, помалку време за патување, подобар пристап до земјоделските земјишта и секако помали можности за уништување на возилата. Она што ние го ветивме денес е остварено, рече Груевски.

Во интерес на општина Свети Николе покрај овој проект, како што посочи, комплетно е реконструиран патот Црнилиште – Сарамзалино, направен е патот Ерџелија – Кадрифаково, се прошири и реконструира патот Свети Николе – Немањици, а е направена и делницата Мечкуевци – Куково со која првпат Свети Николе и Пробиштип асфалтно се поврзаа по целата должина на патот. Во наредниот период, најави тој, се планира и изградба на патот до Ерџелија, а она што е исто така битно за општина Свети Николе, подвлече, е хидросистемот „Злетовица“ на кој повеќе години се работи и од каде што оваа општина беше првата која започна да користи вода за пиење.

Што се однесува до населеното место Ерџелија во изминатата година инвестирани се околу 4,3 милиони денари за изградба на фекална канализациска мрежа.

- Еден од најзначајните во оваа насока е проектот за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип чии подготовки се во полн ек и за брзо време очекуваме да започнат градежните работи, рече Груевски, додавајќи оти овој капитален проект ќе биде од огромно значење за жителите на овој регион.

Според премиерот, уште во фазата на изградба на автопатот ќе се раздвижи целата економија, ќе се отвори работа за многу градежни фирми, ќе има приход за многу работници како од градежништвото, така и од сите други гранки кои се поврзани со градежништвото. Откако ќе се изгради автопатот, истакна Груевски, Свети Николе ќе биде општина која е одлично поврзана со целиот регион, а времето за патување кон Скопје и кон останатите градови ќе биде сериозно намалено.

- Добрата поврзаност и патиштата кои ги градиме ќе бидат од огромно значење и за странските инвеститори да го одберат овој регион како место каде што ќе ги градат своите фабрики, рече премиерот и додаде дека по изградбата на автопатот очекува интересот за инвестиции во Свети Николе, Штип, Кочани и целиот овој регион да биде уште поголем. Има уште многу што да се направи, потенцира Груевски, но сето ова јасно говори за нашите напори и силно темпо на работа да обезбедиме развој и прогрес во сите полиња од интерес на граѓаните.

Директорот на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски информира дека во 2013 година завршени се со градба или реконструкција 14 магистрални и регионални патни правци со должина од неполни 150 километри и вредност од 1,610 милијарда денари. Оваа година, најави тој, ќе се продолжи со веќе започнатите градби на магистрални и регионални патишта со инвестициска вредност од околу 1,740 милијарда денари. Еден од позначајните е магистралниот пат Велес – Кадрифаково кој е од исклучителна важност за целиот регион од источна Македонија.

- Ќе се отпочне со градба на автопатите Кичево – Охрид, Миладиновци – Свети Николе – Штип, а градбата на делницата од автопатот „Александар Македонски“ – Демир Капија – Смоквица ќе продолжи со исто темпо како и во изминатиов период, рече Георгиевски.

Како дел од владината Програма, посочи, е изградбата на локалните патишта со цел да се подобри локалната патна инфраструктура. Јавното претпријатие за државни патишта, подвлече, во изминатата година заврши со изградени или доведени во завршна фаза 145 километри локални патишта во вредност од 13 милиони евра.