Вратен автентичниот лик на фасадата на гевгелиската библиотека „Гоце Делчев"

Фасадата на куќата каде што е сместена библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија го доби автентичниот лик по реставрацијата и конзервацијата која во 2013-та година ја изврши стучен тим од Заводот и музеј Струмица. Обновениот објект, кој датира од крајот на 19 век, а од пред десет години е споменик на културата, беше меѓу 250-те објекти од програмата на Министерството за култура за реставрација на  фасади од стара градска архитектура.

Неа денеска ја посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која информираше дека со скоро 6 милиони денари е направена целосна дренажа на објектот, заменета е покривната конструкција, дрвените прозорци и врати и декоративните елементи на фасадата по кои оваа куќа отсекогаш била препознатлива за Гевгелија.

- Задоволство ми е што објектот си го доби вистинскиот архитектонски сјај што го поседува. Оваа година ќе продолжиме и со вториот дел - средување на ентериерот. Тоа е помала интервенција која Министерството за култура заедно со надлежната институција ќе ја заврши оваа година, истакна Канческа-Милевска.

Градоначалникот Иван Франгов рече дека обновата на објектот е значајна за Гевгелија зашто е неизбежен на разгледниците од најјужниот град во Македонија.

- Во минататото на скоро сите разгледници за општина Гевгелија имаше слика од библиотеката. Сега имаме уште поубава слика зашто со реновираната фасада е комплетно обновен сјајот на објектот и тој е повторно бисер на Гевгелија, рече Франгов.

Објектот функционира како библиотека по Втората светска војна, а претходно  имал други намени и различни сопственици. „Гоце Делчев" е единствената јавна библиотека во Гевгелија со 800 до 1.000 членови годишно и со книжен фонд од околу 60.000 наслови од различни жанрови. Меѓу нив е и оригиналното издание на „Огледало" на просветителот  од 19 век Кирил Пејчиновиќ, печатено во Будим во 1816 година. Министерството за култура во Годишната програма за 2014 има планирано средства за конзервација на ова раритетно книжевно дело кое ќе биде изложено во посебна витрина.

Во изминатите неколку години Министерството за култура помогна и други проекти кои го збогатуваат културниот живот во општината со речиси 23.000 жители. Во 2011  година беше промовиран реконструираниот Гевгелиски театар, а пред два месеца и обновениот амам, кој стана  галериски простор за изложби на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија.

- Амамот ги поседува сите услови за најразлични културни случувања и, покрај ликовен простор, може да биде и место за камерни концерти, промоции и литературни читања, рече Канческа-Милевска, која денеска го посети и овој споменик на културата од османлискиот период.

Музејот на Гевгелија, која е единствена национална установа во оваа општина, годинава од Министерството за култура ќе добие финансии за повеќе проекти. Директорот Емил Сламков рече дека ќе ги продолжат редовните археолошки истражувања на Вардарски Рид (староантичкиот град Гортинија) и на локалитетот Милци, каде што се истражува значајна некропола од железеното време, од 7-6 век п.н.е.. Музејот на Гевгелија е надлежен и за  одржување на сувенирниците во Дојран и Гевгелија кои се отворени со помош на Министерството за култура.